Илон Маск изјави дека ќе се повлече од функцијата извршен директор на Твитер штом најде замена, јавува „Би-Би-Си“.
Милијардерот рекол дека тоа ќе го направи веднаш штом најде некој „доволно глупав да ја прифати работата“. Тој изјавил дека и покрај повлекувањето од оваа позиција, ќе продолжи да работи со тимовите за софтвер.
Тој го исполни ветувањето дека ќе се повлече доколку корисниците изгласаат така на јавната анкета. 57,5% од корисниците што ја пополниле анкетата гласаа тој да си замине од функцијата.
I will resign as CEO as soon as I find someone foolish enough to take the job! After that, I will just run the software & servers teams.
— Elon Musk (@elonmusk) December 21, 2022
Откако Маск ја купи платформата во октомври годинава, тој отпушти половина од вработените и се обиде да ја внесе опцијата за верификација на Твитер со платена цена.
Здруженијата за човекови права го критикуваа неговиот обид за уредување на содржините на Твитер и го обвинија дека ќе го зголеми говорот на омраза и дезинформации на мрежата.
Според Маск, да се најде нов директор ќе биде вистински предизвик.
„Никој не ја сака работата што може да го одржи Твитер во живот“, напиша тој на Твитер по објавувањето на анкетата. Засега постојат шпекулации дека е можно Џек Дорси да се врати на позицијата да ја води компанијата што ја напушти во ноември 2021 година.