Американскиот милијардер Илон Маск вчера најави дека ќе лансира платформа за вештачка интелигенција (ВИ) наречена „TruthGPT“ за да направи конкуренција на платформата „ChatGPT“, јавува Ројтерс.
Тој ја критикуваше лабораторијата „OpenAI“, поддржана од Мајкрософт, која стои зад чет-ботот „ChatGPT“ дека „ја обучува вештачката интелигенција да лаже“ и рече дека „OpenAI“ сега стана „затворен извор“, „профитна“ организација „во тесно сојузништво со Мајкрософт“.
Тој, исто така, го обвини Лери Пејџ, ко-основачот на Google, дека не ја сфаќа сериозно безбедноста на вештачката интелигенција.
„Ќе започнам со нешто што го нарекувам ‘TruthGPT’, или вештачка интелигенција која максимално ја бара вистината која се обидува да ја разбере природата на универзумот“, рече Маск во интервјуто со Такер Карлсон на каналот Фокс Њуз, емитувано во понеделникот.
Тој рече дека TruthGPT „можеби е најдобриот пат до безбедноста“ што „не е веројатно дека ќе ги уништи луѓето“.
„Ќе се обидам да создадам трета опција“, рече Маск.
Овој потег дојде откако Маск и група експерти за вештачка интелигенција и индустриски директори повикаа на шестмесечна пауза во развојот на системи помоќни од новолансираниот „GPT-4“ на „OpenAI“, наведувајќи ги потенцијалните ризици за општеството.