Мултимилијардерот Илон Маск испратил понуда да го купи Твитер за повеќе од 40 милијарди долари, со цел „да го ослободи неговиот извонреден потенцијал“ за засилување на слободата на говорот и демократијата низ светот.
Во извештај објавен од Американската агенција за берзанско работење, се наведува дека сопственикот на компанијата Тесла, и најбогатиот човек во светот, направил обид за „агресивно преземање“ на Твитер само неколку денови откако купил 9,2% од акциите на социјалниот медиум. Подоцна му било понудено место во управниот одбор на Твитер, но тој одбил да ја прифати таа позиција.
Во писмо до директорот на Твитер, Брет Тејлор, Маск напишал дека сајтот „немал успех како компанија или како алатка за засилување на слободата на говорот“ и дека „мора да биде трансформирана како приватна компанија“.
Во извештајот стои дека Маск понудил да ги откупи сите акции на Твитер по цена од 54,20 долари, или вкупно 41,4 милијарди долари.
„Инвестирав во Твитер бидејќи верував во неговиот потенцијал да биде платформа за слободен говор низ светот и верувам дека слободниот говор е општествен императив за функционирачка демократија. Сепак, откако инвестирав, сфатив дека компанијата ниту ќе има успех, ниту ќе служи на овој социјален императив во сегашната форма. Твитер мора да биде трансформирана во приватна компанија. Како резултат на тоа нудам да купам 100% од акциите на Твитер“, напишал Маск во писмото.
Маск дополнително напишал дека ова е финалната понуда која ја дава и доколку не биде прифатена ќе размисли дали ќе остане акционер во компанијата.
„Твитер има извонреден потенцијал. Јас ќе го ослободам“, напишал Маск.
Со богатство кое се проценува на 274 милијарди долари, Маск е еден од ретките луѓе кои имаат доволно пари да си дозволат да го купат Твитер.
Денеска, по овие информации, акциите на Твитер пораснаа за 11%.