Илон Маск го сруши светскиот рекорд за најголема загуба на лично богатство во историјата, соопштија од Гинисовата книга на рекорди.
Технолошкиот милијардер изгубил приближно 182 милијарди долари од ноември 2021 година, иако други извори покажуваат дека оваа бројка можеби е поблиску до 200 милијарди, стои во информацијата.
„Нето богатството на Маск падна од највисокото ниво – 320 милијарди долари во 2021 година, на 138 милијарди во јануари 2023 година поради слабите резултати на акциите на Тесла“, велат од глобалната база на податоци за рекорди, кои се повикуваат на цифри од Форбс.
Иако, според Гинисовата книга, точната бројка е речиси невозможно да се утврди, тие велат дека загубата на Маск далеку го надминува претходниот рекорд од 58,6 милијарди долари кој го држеше јапонскиот технолошки инвеститор Масајоши Сон во 2000 година.
Сопственикот на автомобилската компанија Тесла ја изгуби водечката позиција на листата на најбогати луѓе во светот од Берно Арно, директорот на францускиот конгломерат за луксузни производи ЛВМХ, под чија капа се наоѓаат модните брендови како Луј Витон, Диор и Булгари.
Проценките на Форбс се дека до 12 јануари Арно имал лично богатство од 203,7 милијарди долари, додека Маск има 146,5 милијарди долари.
Најголемиот дел од богатството на Маск е поврзано со акциите во Тесла, чија вредност падна за 65% во турбулентната 2022 година, додаваат од Гинисовата книга на рекорди.
Причините за тоа се растот на загриженоста кај инвеститорите дека највредната автомобилска компанија на светот се соочува со намалена побарувачка и логистички проблеми.
Забрзаниот пад на цената на акциите на Тесла се случи во октомври, кога Маск го купи Твитер за речиси 44 милијарди долари и голем дел од своето време го посветуваше на оваа платформа.