Членовите на Медиа/арт клубот на МОФ од Тетово успешно ја поминаа работилницата за преработка на отпад. Преку креативна изработка на предмети и декоративни елементи младите тетовчани ја пренесоа пораката дека и отпадот може да „оживее“ и повторно да се искористи.
Работилницата ја водеше германката Ана Пиц, која како волонтер во невладината организација „Лоја“ неколку месеци престојува во Тетово. Пред членовите таа им ги претстави начините за креативно искористување на старите весници, кеси, хартии. Ана посочи дека тие, наместо да завршат низ улиците, преку креативна изработка можат повторно да се искористат.
Изработените предмети и макети на кои се испишани пораките „Не го загадувај градот“, „Внимавај каде го фрлаш отпадот“, пораките против насилство кај младите ќе бидат поставени низ неколку локации на градот и нивната крајна цел е да се подигне свеста кај граѓаните.
Старите весници, хартија, најлонски кеси добија нова форма и повторно се употребија. Членовите на Медиа/арт клубот од Тетово најавуваат слични акции и во наредниот период.
Бобан Костадиновски