Студентските домови ќе се отворат за прием на студенти, ама се уште нема конкретен датум кога ќе се случи тоа. Како што изјави Дарио Николовски, претседател на Здружението на директори на училишните и студентските домови, во дискусијата за стидентските домови на Радио МОФ, домовите ќе работат со половина капацитет, а студентите кои нема да добијат место, ќе добијат државни субвенции за приватно сместување. Ова, вели Николовски, засега се неофицијални информации, но очекува многу наскоро да добијат зелено светло од Владата.
„Неофицијално е дека студентските домови се отвораат, отворањето и примањето на студентите очекуваме да биде од први октомври, кога и треба да почне новата учебна година. Продискутирани се сите фактори кои ке влијаат на новите начини на живеење во студентските домови во здравствена криза и пандемија. Тоа ќе значи сместување во студентските домови во отприлика половина од нивните капацитети, т. е во соби со капацитет од две легла, ќе се смести еден студент, во собите со повеќе од две легла ќе се сместат максимум двајца студенти. Оние студенти што не ќе најдат можност да бидат дел од сместувањето во студентските домови државата, ќе одвои средства преку кои секој месец ќе субвенционира поддршка за приватно сместување, или доколку некој студент одлучи да користи превоз“, рече Николовски.
Во дискусијата учествуваа и студентите Иванчо Тодоровски и Симона Наумовска, кои потврдија дека се уште нема резултати од конкурсот за прием на студенти во домовите и укажаа дека не постои алтернатива на отворањето на домовите. Соња Карапец , директорката на студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола пак зборуваше за тоа како овој дом се подготвува за прием на студенти во време на пандемија, но потврди и дека се уште немаат добиено протоколи за идното функционирање.
Кога ќе се отворат студентските домови?
Кога ќе се отворат студентските домови е прашање кое во моментов си го поставуваат илјадици македонски студенти. На само една недела од почетокот на новата академска година, нема ниту резултати од конкурсот за упис, ниту пак официјална информација, како ќе функционираат домовите во услови на пандемија. На оваа тема, во дискусијата на Радио МОФ гостуваат студентите Иванчо Тодоровски и Симона Наумовска, како и Соња Карапец , директорката на студентскиот дом во Битола и Дарио Николовски, претседател на Здружението на директори на училишните и студентските домови во Република Македонија.*Дискусијата е дел од проектот „Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ кој е овозможен со финансиска поддршка на Програмата за поддршка на високото образование на Фондациите Отворено општество, преку Фондацијата Отворено општество- Македонија.
Posted by Радио МОФ on Tuesday, 22 September 2020