Три пожари, многу лебарки и ужасни услови во студентските домови. Ова е дел од билансот со кој се соочија студентите во годината што измина, која не остави простор за поголемо славење на Денот на македонските студенти – 11 декември.
Наместо активности и оптимизам, денот на студентите е обвиткан со пасивност и песимизам. Што направија студентите за себе во 2013 година? Кои се успесите и предизвиците на македонските студенти? Кои проблеми ги оптоваруваа студентите во 2013-та? Ова се прашањата за кои разговаравме со студентите, а дел од нив ќе се обидеме да ги одговориме и преку хронологијата на настани кои беа поважни за студентите оваа година.
Во април избувна пожар во студентскиот дом Гоце Делчев во кој целосно изгоре една соба на приземјето, а осум беа оштетени. Собите беа во очајна состојба, а неколку студенти во пожарот изгубија се што имаа. Пожарот по којзнае кој пат го отвори прашањето, колку се безбедни и во какви услови и живеат македонските студенти.
И покрај сите ветувања за помош, студентите во домот „Гоце Делчев“, чии соби беа зафатени од пожарот не добија помош од Државниот студентски центар бидејќи според директорката Даниела Темелкова, инцидентот се случил поради нивно невнимание и одговорноста за немилиот настан е нивна.
Овој пожар за жал не беше и последен – по него следеше уште еден пожар во истиот студентски дом, како и помал пожар во студентскиот дом Стив Наумов во женската зграда на третиот спрат во Скопје. Огнот избувнал од вклучена греалка, која се превртела и паднала на душек од креветот на една студентка.
И кога не горат, студентските домови за жал не се во некоја завидна состојба. Студентите кои се сместени во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во повеќе наврати се жалеа дека немаат греење, имаат проблеми со храната, а интернет во домот имаат само привилегираните. Често пати им се расипува и лифтот, па принудени се да одат пеш до 14-ти кат. На менито пак на студентите понекогаш знаат да залутаат и лебарките. Фотографиите кои вчера ги испрати на адресата на Радио МОФ еден студент кој сакаше да остане анонимен, ги покажуваат компирите со лебарка кои ги добил како вечера во мензата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.
Студентското сместување е голем проблем и за штипските студенти. Иако Штип прерасна во студентски град, нема вистински студентски дом за штипските академски граѓани, кои велат дека се чуствуваат заборавени од државните институции. Единствениот државен студентски, „Браќа Миладиновци“ тие го делат со средношколците, бидејќи претходно беше интернат. Двата приватни студентски домови, „Хилјадников“ и „Оаза“ немаат доволен капацитет за да ги сместат сите заинтересирани студенти.
Освен со предизвици за остварување на основните услови за живот, студентите секојдневно се соочуваат и со поткуп, непотизам и корупција. Радио МОФ во повеќе наврати објавуваше стории и организираше дебати за практиките спротивни на законот со кој студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се принудени да плаќаат по 150 до 210 денари за Студентски парламент. Без овие уплатници студентите не можат да се запишат во нов семестар на овие универзитети. Студентите се принудени да уплатат пари на сметката на здруженијата (Студентските парламенти), иако според Законот за здруженија на граѓани и фондации, членувањето или донирањето во некое здружение се врши на доброволна основа. Прашањето дали ова претставува еден вид „рекетирање“ на студентите, остана неодговорено од надлежните институции.
Дури 39 проценти од студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ имале искуство со поткуп во форма на купување книга од професорот, со цел да се добие поголема оценка, покажа истражувањето на „Младинскиот образовен форум“.
Студентите се соочуваат и со проблеми со литературата на македонски јазик, ставање во мирување на одредени студии без некакво поголемо објаснување, како во случајот со родовите студии но и со незнаење за своите основни човекови права, како законите кои ги штитат од дискриминацијата.
И покрај проблемите, претседателот на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Кирил Спироски е задоволен од нивната борба за студентските права во 2013 година. Вели дека тој во СПУКМ наследил апатија, а годинава се избориле да реновираат една читална, во тек е реновирање на втора, отворен е студентски онлајн медиум, организирана е акција за обесштетување на студентите од пожарот, а најавува и бесплатна студентска картичка.
„Се изборивме да нема веќе малверзации со леглата во студентските домови и 40% од студентите да не плаќаат за легла. Се надеваме дека 2014 година ќе биде година на реновирање на студентските домови, бидејќи ова е наша најголема болка и срам на нашето време“, вели Спироски за Радио МОФ.
Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум пак вели дека оваа година за македонските студенти е само уште една потврда за апатијата во која се втурнати поради финансиските неприлики, корупцијата и монополизираното студентско организирање, па затоа и нема никакво славење кај студентите. Вели дека додека студентите во регионот беа активни во застапување против корупцијата и квалитетното образование, окупираа универзитети и самите реновираа домови, бунтовништвото и активизмот ја одминаа Македонија.
„Имавме и пропаднати ветувања од преставниците на студентите – домска легитимација, бесплатен превоз, но и зголемена траспарентност на самата организација која се уште не открива како гласа, не објавува извештаи ниту пак информации за „пратениците“. Можеби е светла точка што Националната студентска унија доби место во бордот на Европската студентска унија, но од друга страна проблематично е што не се знае што е Националанта студентска унија – организација без сајт и видливост од 1994 година“, вели Костуранова.
Бојан Матовски од Слободен Индекс пак вели дека во Македонија постои специфичен менталитет на неактивирање и пасивност иако има најлоши студентски домови, никакви придобивки како бесплатна храна во мензата и бесплатен превоз.
„Пола од земјите во Европа имаат бесплатно образование, а како што видовме после нашето истражување на темата, тоа е целосно возможно во Македонија, не за пет години, туку уште утре да го имаме. Но што ако имаме бесплатно образование без силно студентско движење кое ќе го регулира? Токму затоа ни е потребно силно студентско движење кое ќе биде регулатор на сите неправедности и неправилности“, вели Матовски.
Сепак, желбите за подобро утре се едно, додека бројките и реалноста говорат нешто друго. Наместо борба за промени во земјата, проблемите кои се повеќе се трупаат на грбот на младите и студентите, ги принудуваат да го побараат спасот надвор од земјата. Дури 85 проценти од младите во завршни студиски години се изјасниле дека својата иднина ја гледаат надвор од границите на Македонија, статистики кои се алармантни и поразителни за државата и една огромна причина зошто македонските студенти не се расположени за славење на 11 декември.
Кристина Озимец