Бразилците го имаа најстудениот ден во годината откако дел од жителите во јужните региони за прв пат видоа снег, пренесува „Дојче веле“.
Над 40 градови во јужната држава Рио Гранде до Сул пријавија мраз, а во 33 дури имало и снег, на некои места висок и до еден метар, според метеоролозите.
Иако снегот им овозможи на некои луѓе да ги направат своите први снешковци, се појави и стравот дека основните извозни култури како кафе, шеќерна трска и портокали можат да бидат оштетени од мраз.
Поларниот воздух се проби во јужниот регион Рио Гранде до Сул со што температурите се под нула во поголемите надморски градови.
Чудниот феномен во Бразил се случува се’ почесто во одредени метеоролошки услови и особено во области кои се на висина од 900 до 1.900 метри, предупредуваат експертите.
Патиштата обложени со свежо паднат снег може да бидат вообичаена глетка во умерените региони, но за некои во Рио Гранде до Сул тоа им беше првпат да дојдат во близок контакт со снег.
„Имам 62 години и никогаш не сум видел снег“, рече камионџијата Иодор Гонсалвес Маркес од Камбара до Сул за каналот ТВ „Глобо“.
Снегот пристигна во Бразил со помалку пријатни ветрови од 80 километри на час во Гојас и Мато Гросо до Сул, ретка појава во овие области.
Синоптичарите очекуваа ледената воздушна маса да продолжи да се движи нагоре кон метрополата Сао Паоло и земјоделските области Минас Жераис.
Овие бразилски држави се познати по големите фарми за шеќер, цитрус и кафе, а експертите се загрижени за можноста мразот да ги расипе вредните култури.
Радикалните промени во временските услови се припишуваат на климатските промени во последниве години.