Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.
Имам несоница, анксиозност по големи животни промени. Уште една пропадната врска беше причина за напад на анксиозност. Се чувствував осаменo, изгубено, со чувство дека ќе ми се слоши, па не сакав да останувам сама… Ми дадоа бензодијазепини и елицеа, ама прекинав по 3 дена. Почнав со мелатонин. Сфатив што ми се случува. Во сон се штрекам, се препотувам и имам тахикардија и поминува. Така се будам. Напади на паника се, што повеќе читав повеќе се вознемирував. Свесна сум дека со мислите можеш да си помогнеш и одмогнеш. Да навлезеш во спирала како мојава, да се плашам дали ноќва ќе спијам. Свесна сум и дека почнав да избегнувам да одам пешки, повеќе со кола. И ситуацијата со ковидот изолации имаше влијание. Нема да примам антидепресиви за мојава анксиозност, на кој начин би си себепомогнала и што може психотерапијата во овој случај?
Одговара: Павлина Михајловска, лиценциран психолог и психотерапевт
Читам дека поминуваш низ кризен период на повеќе животни полиња и сакам да знаеш дека анксиозноста која ја доживуваш е нормална реакција на условите во кои се наоѓаш. И самата наведуваш повеќе фактори кои придонесуваат за интензивирање на ова чувство на анксиозност, но мојот впечаток е дека главниот фокус е на интерперсоналните односи, а кога тие ни се разнишани или кога на тој план доживуваме загуби, губиме многу значаен и често користен систем на поддршка, а тоа е социјалниот систем.
Велиш имаш несоница, тахикардија и панични напади. Тоа говори дека веројатно се чувствуваш преплавена, ова низ кое поминуваш ги надминува твоите капацитети и сосема би било во ред да побараш помош. Кога имаме силна анксиозност првиот чекор е да се најдат механизми што ќе ти овозможат да го стекнеш чувството дека анксиозноста можеш да ја менаџираш.
Психотерапевтите можат да ти понудат метод на разговор, да ти донесат јаснотија за состојбата низ која минуваш, да ти понудат техники на справување со анксиозност, како техники на дишење со кои се влијае на автономниот нервен систем, техники и активности за експресија на чувствата, кои кога ни се насобрани и неадресирани креираат анксиозност, како и учење на една важна животна вештина која во голема мера влијае на квалитетот на животот, контакт со себе. Ова се обезбедува низ малку подолг процес на себе-истражување. Од друга страна психијатрите можат да ти понудат и медикаментозна поддршка. Многу е важно да знаеш дека психијатриските лекови ниту ги земаме ниту ги прекинуваме на своја рака, потребно е да имаме психијатар кој не води низ процесот. Ниту медикаментите ниту техниките на психотерапевтот не се магично стапче и не го решаваат проблемот. Тие ни помагаат да ја пребродиме кризата и да го направиме првиот чекор, да почнеме да ја менаџираме анксиозноста за да може да почнеме со нешто што во терапија се вика работа на себе, а подразбира градење на капацитет за самопомош, јакнење на отпорноста, запознавање на себе, а со тоа и стекнување на поголема самодоверба.
Во изборот на психотерапевт или психијатар многу е важно да го следиш своето субјективно чувство дека човекот со кој разговараш ти одговара, имаш доверба, се чувствуваш слободна и го добиваш тоа по кое иницијално доаѓаш. На некој му треба да види и да се сретне со неколку терапевти или психијатри пред да одлучи каде и со кого ќе продолжи и тоа е сосема во ред.
Убаво е што имаш поддршка од семејството, но имаш и години во кои таа поддршка не може да биде доволна. Веќе си возрасна, а со тоа и повикана да се бавиш со сопствените креации во твојот живот. Многу поголема тежина на твоја возраст имаат релациите кои ги градиш надвор од семејството на потекло, особено партнерските релации. Во возрасно доба, низ тие релации ги задоволуваме потребите за припадност и интимност. Загубите на тој план (крај на врска), се тешки и треба да се обжалат, да си обезбедиш простор, време, активност или особа на која можеш да се отвориш, за да зборуваш, тагуваш, плачеш, викаш, се лутиш и видиш што се процесот ќе ти донесе како увид. Само така болното искуство може да помине.
Тоа што се будиш навечер со тахикардија и вознемиреност зборува дека си полна доживувања кои не наоѓаш начин да ги канализираш во секојдневието. Ноќе додека спиеме, попуштаат одбраните и полесно содржините допираат до свеста. Знам дека се драматични и мачни за преживување паничните напади, но тие немаат функција да не малтретираат, во позадината стојат содржини кои носат значајни информации за нас и со кои сме спремни да се соочиме и се базично наша креација, а ништо наше не е ниту зло ниту лошо по природа, само ете од различни причини несвесно им се опираме. Некогаш ни се премногу болни, некогаш не знаеме како да им пристапиме, некогаш им се плашиме, но тие содржини што дошле и тропаат на врата во форма на паничен напад се тука да ја збогатат нашата свесност со некој нов увид.
Ако некогаш си вежбала јога или техники на дишења, би те препорачала да пробаш да експериментираш со техники на стомачно дишење, кои преку активирање на дијафрагмата го стимулираат делот од нервниот систем кој ни обезбедува релаксација.
Се надевам дека дел од оваа наша размена ќе ти послужи да добиеш насока како понатаму да го адресираш тоа што го доживуваш како проблем.
Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.