Среда, 16.03.2022 година, 8 часот наутро. Невенчаниот сопруг, по претходна расправија, ја удира сопругата со бокс во левото око, а попладнето околу 16 часот насилно ја зема и ја носи на планина. На вратот ѝ става конец за да ја обеси, ја соблекува гола, а потоа се премислува – ја враќа назад дома и ѝ уринира во устата.
Насилството тука не запира. Околу 20 часот, тој почнува да ја тепа со боксови по лицето и да ја малтретира. Жената успева да избега од куќата и на улица гледа непознато лице, му го зема телефонот и се јавува кај нејзиниот татко. Кога се враќа назад во домот, сопругот повторно почнува да ја тепа, а во еден момент зема и шрафцигер со која сака да ја боде во вратот. Хоророт престанува кога во куќата влегува негов пријател и му се обраќа „бегај, полицијата е на врата“.
Насилникот бега, а жената излегува надвор од куќата и ја гледа полицијата, која ја носи кај нејзиниот татко, а потоа заедно со него оди во болница каде ѝ е пружена лекарска помош.
Е.М сега престојува кај нејзиниот татко. Мајка е на четири деца, а нејзиниот невенчан сопруг е недостапен за полицијата. Судењето се одвива во негово отсуство. Насилникот, И.Н., е осуден на казна затвор од две години, која не ја издржува бидејќи органите на прогонот не можат да го најдат.
Ова е само од една од пресудите за дела поврзани со семејно насилство кои ги анализираше Мета.мк. Ги има стотици и стотици, а зад секоја бројка на предмет стои нечија судбина, нечиј живот сериозно доведен во опасност. Ова патем го покажува и полицискиот билтен каде што секојдневно можат да се најдат по два до три случаи на семејно насилство. Бројката на поднесени пријави расте, но отворено е прашањето дали е тоа случај и со превенцијата и соодветното санкционирање на семејните насилници?
Најчести се условните казни
Случајот со затворската казна на И.Н. не е правило, објавува новинската агенција Мета.мк. Почести се условните казни што ги добиваат сторителите на кривичните дела поврзани со семејно насилство. Затворските казни, покажа истражувањето на агенцијата, најчесто ги добиваат сторители на насилство кои се во бегство, додека повеќе од половина од пресудите кои ги добивме од Основниот кривичен суд во Скопје, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, се условни казни или пак условни казни под надзор.
Во останатите или обвинението се одбива, или тужителот се откажува од гонење, или пак осудениот се упатува на психијатриско лекување.
Судијката од Основниот кривичен суд Скопје, Оља Ристова, во својот богат судиски стаж, пресудувала по голем број предмети поврзани со семејно насилство, а во разговор со Мета.мк образложува на што се должат поголемиот број условни казни.
„Точно е дека преовладуваат условните осуди и тоа е резултат на фактот дека најчесто овие обвинети лица прв пат доаѓаат во судир со законот, во голем број случаи ја признаваат вината, исто така жртвата е спремна да им прости и не бара надомест на штета. Сите овие околности се доволни за судот да изрече условна осуда“, вели Ристова за Мета.мк.
Новина во последните неколку години, додава таа, е изрекувањето на условна осуда со мерки на заштитен надзор.
„Јас како судија уште од 2020 година, со условната осуда изрекувам и мерки на заштитен надзор. Мерка која задолжително ја изрекувам покрај условната осуда е осуденото лице да посетува програма за работа со осуденици за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство. Други мерки кои можат да се изречат се однесуваат на зависници од дрога или алкохол и во тој случај наложувам осуденото лице да се подложи на лекување или социјална рехабилитација во соодветна специјализирана установа“, појаснува Ристова.
Целиот текст на Мета.мк