Вториот ден од нашата посета на БИТЕФ почна најнормално. Бевме таму извесно време пред почетокот на словенечката претстава „Сексуална едукација ||: Борба“ која требаше да се одигра во дворот на театарот БИТЕФ (авангардна театарска сцена сместена во реконструирана евангелистичка црква во областа Дорќол во Белград).
Како што полека се полнеше, актерките ја заземаа сцената и почнаа да зборуваат на словенечко-хрватско-српски – во главно разбирливо за (веројатно) сите кои беа присутни. Последната реченица што едната од актерките ја кажа, пред дождот да ги внесе речиси сите внатре, беше „Јас уште од кога почнаа да ми пркнуваат гради, знаев дека сакам да сум Југословенка“.
Дождот беше сè посилен, па луѓето почнаа да влегуваат внатре. За жал, за нас немаше место – таква е процедурата: прво луѓето со билети, па ако има место за новинарите и волонтерите. Претставата изгледаше ветувачки и по насловот и по она малку што го видовме на почетокот, но кога не може, ни со стоење – не може.
Оттаму, одлучивме да ѕирнеме во придружната програма на фестивалот која е богата, а според претходни искуства една придружна програма може да биде и подобра од главната. Така завршивме во циркус. Вистински циркус со голем црвен шатор поставен на средина и помали шатори од страна со шарени триаголни знаменца и скулптури со кловнови и сето она што може да се најде во кампот на еден циркус. За жал додека се обидувавме да влеземе на главната претстава, претставата во циркусот – „Конструкт“ во продукција на хрватскиот Циркус колектив а дел од фестивалот „Циркобалкана“, веќе беше започната, па не можеше да се влезе ни таму.
Бевме повеќе луѓе што останаа надвор на дожд, ама во циркус, па под стреа и шатори и како што се ближеше крајот на претставата доаѓаа сè повеќе луѓе. По трупата на Циркобалкан, сцената требаше да ја преземе еден друг колектив, дружина млади музичари кои се викаат „Клотљуди“ (Klotljudi). Дружина затоа што не е само петчлениот бенд, туку цела група млади кои се на нивни журки со кои расте и се шири нивната музика.
„Клотљуди“ имаат настапувано и кај нас, на ПИН музичката конференција во 2022 година. Нивниот последен студиски албум „МОДА“ излезе под етикетата на македонската издавачка куќа „Мртов коњ“ лансирана од Гола Планина колектив.
View this post on Instagram
Познати по своите енергични настапи, и вчера не им требаше многу за публиката да им се придружи на сцена. Не помина ни првата песна, а низ циркусот веќе циркулираше една енергија што се разбира, прерасна во голема шутка. Панкот од доцните 70-ти беше повторно присутен на Белградската сцена, но со текст кој го критикува денешниот капитализам и како што самите сакаат да кажат „поп на смртта од 2024“.
Полниот шатор ги врати на бис кога сакаа да си одат, а на крајот добија и аплауз и респект од сите кои осетија бар малку од она што бендот сака да му го каже на светот – дека „некои бендови не се бендови“, дека правдата има боја, дали ние кои слушаме сме на вистинската страна во кикотот на капитализмот?
Покрај од новиот свиреа и песни од претходните албуми, а потоа им се придружи и уште еден вокал чии стихови останаа за крај, а кои одат вака „Nemoj da umreš molim te, nemoj da umreš, volim te“.
Фотографии и текст: Ангела Бошкоска