Бројот на инциденти предизвикани од говорот на омраза во 2023 година е поголем од бројот во 2024 година, покажуваат извештаите направени од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Тие покажуваат и дека жртвите и сторителите на ваквите инциденти се најчесто млади лица, објави агенцијата Мета.мк.
Според извештајот за 2023 година, од јануари до декември биле евидентирани 1.171 случаи на говор на омраза, од кои најмногу, 646 биле сторени врз основа на етничка припадност. Потоа следуваат, 248 случаи поради сексуална ориентација и родов идентитет, 275 случаи врз основа на етничка припадност, 149 поради политичко уверување и 80 случаи врз основа на род и пол.
Во 2024 година (до септември) биле евидентирани вкупно 1.060 случаи на говор на омраза, од кои 424 по основ на национална припадност, 417 по основ на етничка припадност, 205 заради политичка припадност, 194 по основ на сексуална ориентација и родов идентитет, 60 по основа на род и пол и 22 по основа на религиска припадност.
Од вкупно 1.171 слуачаи на говор на омраза во 2023 година биле регистрирани 197 потенцијални инциденти на злосторства од омраза, од кои 35 се инциденти со јасни пристрасни индикатори. Во 2024 година, пак биле евидентирани вкупно 113 инциденти.
Како што покажува годишниот извештај за состојбата со човековите права во 2023 година на Хелсиншкиот комитет за човекови права, најголемиот мотив за извршување на инцидентите бил врз етничката припадност. Потоа следуваат 2 инциденти врз основа на политичкото уверување и политичката определеност, 6 инциденти се случиле како резултат на религиозни уверувања, 2 инциденти се мотивирани од сексуална ориентација и 8 инциденти се случиле врз основа на некои други заштитени карактеристики.
„Жртвите и сторителите најчесто се млади лица и припадници на различни етнички заедници, членови на навивачки групи на спортски клубови или поддржувачи на политички партии. Често се случува еден инцидент да ги исполнува критериумите за сомневање за постоење две или повеќе кривични дела, па одовде, бројот на кривични дела е поголем од бројот на инциденти“, стои во извештајот.
Во регистрираните 197 случаи како жртви се јавуваат 213 лица и 292 сторители. Од Хелсиншки комитет велат дека точниот број на сторители не може да биде определен поради недостигот на информации споделени од надлежните власти. Според достапните податоци, 142 од 213 жртви се малолетници, а од 292, 132 сторители се малолетници.
„Жртвите и сторителите вообичаено се припадници на различни етнички заедници, додека, пак, пријавените инциденти се поврзани со одредени кривични дела од Кривичниот законик: насилство (153), телесна и тешка телесна повреда (24), оштетување имот (7), разбојничка кражба (2), уништување симболи (4), предизвикување национална, расна, верска омраза, раздор и нетрпеливост (5), сериозна закана (1), загрозување на сигурноста (3) и предизвикување општа опасност (2). Многу често еден инцидент ги исполнува критериумите за две или повеќе кривични дела (пример: насилство и кражба), па одовде, бројот на кривични дела понекогаш е поголем од бројот на инциденти во податоците“, стои во извештајот.
Според психологот Никола Дукоски, ширењето или добивањето на говор на омраза е говор на неприфаќање и разнишување на сликата за себе.
„Младиот човек ја разнишува сликата за себе кога добива или слуша омраза. Кога се нарушува сликата за себе, се нарушува и самодовербата а со тоа и идентитетот и младиот човек најмногу пати од тоа. Менталното здравје е склоп на се ова и на младиот човек кој се соочува со вакво нешто му треба поддршка“, рече Дукоски и додаде дека во ваквите ситуации најважно е да се реагира кога младите не си даваат поддршка сами на себе.
Социологот Надица Таневска Јанева вели дека говорот на омраза има негативно влијание врз секого па и врз младата популација, особено кога овој начин на комуникација е често присутен и претставува модел на однесување.
„Најчести поводи за говорот на омраза се наоѓаат во некои причини од минати недоразбирања кои може да се на ниво на цели групи според некој социјален белег, како и стереотипи и предрасуди кои доведуваат до предубедувања и негативни мислења за одредени целни групи“, вели Таневска Јанева.
Социологот истакнува дека намалување на ширењето на говорот на омраза лежи во зголемување на свеста кај населението за последиците.
„Треба да се подобрува вредносниот и моралниот компас кај населението, треба да има учење на младите од најмала возраст за емпатија, почитување на различности и култура на однесување, поттикнување на позитивни форми на интеракција низ целиот воспитно-образовен процес. Најтежок и најкомплексен процес на влијание врз населението е менување на свеста за одредени прашања но тоа воедно е и најсигурниот и најполезен начин за постигнување долгорочни цели како што е намалување на говорот на омраза на најниско ниво“, вели Таневска Јанева.
Инаку, податоците на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во 2024 година биле регистрирани 22 случаи, а во 2023 42 кривични дела за „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
Овој напис е подготвен во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда