Комуналното претпријатие од Струмица платило по 424 денари за летни работни униформи, додека за истиот производ, Комуналното претпријатие од Маврово платило 6,5 пати повисока сума, или 2.773 денари. За чифт анатомски кломпи Детската градинка „25 Мај“ во Гази Баба платила 718 денари, а градинката „Буба Мара“ во Аеродром дури 2.183 денари.
Ова се некои од најголемите ценовни разлика регистрирани во 17-тиот индекс на рационалноста, на Центарот за граѓански комуникации, кој покажува драстични разлики помеѓу најниските и највисоките цени во јавните набавки на институциите кај петте производи и услуги кои избрале да ги споредуваат.
Најголемата разлика, од 554%, е регистрирана кај набавката на летните работни униформи за комуналните претпријатија, а најмалата кај набавката на системите за инфузија – каде разликата на најниско и највисоко платената цена е 73%.
Сумарно, индексот на рационалност ги даде следните сознанија:
- летните работни униформи комуналните претпријатија ги купувале по цени од 424 до 2.773 денари, со што највисоката цена е за 554% повисока од најниската;
- зимските работни униформи од страна на комуналните претпријатија се купувани по цени од 1.124 до 4.602 денари, со што највисоката цена е за дури 309% повисока од најниската;
- работните обувки – кломпи се купувани по цени од 718 до 2.183 денари, со што највисоката цена е за 204% повисока од најниската;
- одржувањето на хигиената во внатрешните работни површини ги чинела државните институции од 30 до 103 денари за еден метар квадратен месечно, со што највисоката цена е за 243% повисока од најниската цена
- системите за инфузија се купувани од страна на здравствените институции по цени од 5,78 до 9,98 денари за еден систем, со што највисоката цена е за 73% повисока од најниската.
„Со оглед на тоа што во сите индекси изработени во ова издание е констатиран раст во разликите во цените, може да се оцени дека се потврдува сознанието дека спроведувањето на постапките за јавни набавки во согласност со Законот за јавните набавки не е само по себе гаранција за добивање најдобри услови на пазарот за набавка на одреден производ или услуга“, се наведува во публикацијата.
Индексот е замислен како показател за државните институции, што треба да им послужи како основа за подобрување на рационалноста при јавните набавки, односно при трошењето на јавните пари, бидејќи целта на државните институции е, секогаш кога можат, да се стремат кон постигнување на најниските цени и подомаќински да ги трошат јавните пари.
Во изработката на индексот на рационалност биле вклучени 48 институции на национално и на локално ниво, коишто за овие набавки спровеле 53 тендери во текот на 2016 и во 2017 година.