Во злостор кој личи како да е излезен од боливудска акциона драма, еден диџеј во индиската држава Утар Прадеш бил застрелан во градите и загинал, откако одбил да пушти песна од филмот „Bullet Raja“ на роденденска забава, јавуваат медиумите од Индија.
Инцидентот се случил во понеделникот, во селото Сидаули, а полицијата го потврдила. Диџејот, 32-годишниот Арун Кумар Валмики бил веднаш пренесен во болница, но лекарите само констатирале смрт.
Локален бизнисмен по име Аџај Гупта го ангажирал диџејот за да пушта музика на роденденската забава на неговата ќерка. Во согласност со обичаите во многу полуурбани средини во Индија, луѓето пукале со пиштоли во воздух, како дел од прославата. Според очевидците, еден од гостите побарал од Валмики да ја пушти песната „Tamanche pe disco“, која е голем хит во Индија, исто како и филмот од 2013 во кој се појавува.
Кога диџејот одбил да ја пушти, осомничениот, кој полицијата го именувала само како Ашу, го застрелал Валмики во градите, по што веднаш избегал од местото. Истрагата е во тек, а засега нема информации дали осомничениот е уапсен.
Еве ја песната поради која што се случил инцидентот, во чиј текст се воспева користењето оружје на прослави и во дискотеки. Дел од текстот гласи: „Мојот сакан пука од лево, мојот сакан пука од десно… …Некој нека го запре, нека му ги запре пијачките и вискито, со пиштол во раката, тој станува многу ризичен“: