Индија тестира вештачка интелигенција (ВИ) за да изгради климатски модели со цел да ја подобри временската прогноза бидејќи поројните дождови, поплавите и сушите се шират низ целата земја, изјави висок метеоролошки службеник, јавува Ројтерс.
Глобалното затоплување предизвика поинтензивни судири на временските системи во Индија во последните години зголемувајќи ги екстремните временски настани поради кои, независниот Центар за наука и животна средина проценува годинава животот го изгубиле 3.000 луѓе.
Метеоролошките агенции низ светот се фокусираат на ВИ што може да ги намали трошоците и да ја подобри брзината, а за која Британската метеоролошка канцеларија вели дека може да ја „револуционизира“ временската прогноза со неодамнешниот нов модел финансиран од „Гугл“ кој се покажа дека ги надминува конвенционалните методи.
Точната временска прогноза е особено важна во Индија, држава со население од 1,4 милијарда луѓе, многу сиромашни и втор производител на ориз, пченица и шеќер во светот.
Индискиот метеоролошки оддел обезбедува прогнози врз основа на математички модели со користење на суперкомпјутери. Користењето на ВИ со проширена мрежа на набљудување може да помогне да се генерираат поквалитетни податоци за пониска цена.
Владата во четвртокот изјави дека сака да генерира временски и климатски прогнози со инкорпорирање ВИ во традиционалните модели и формираше центар за тестирање на идејата преку работилници и конференции.
„Модел со ВИ не бара високи трошоци за водење на суперкомпјутер – може и да го истерате од добар квалитетен десктоп“, изјави Саураб Раторе, асистент професора на Индискиот институт за технологии во Делхи.
Потребни се и подобри податоци за да се искористи максимумот на ВИ, кажаа експерти.
„Без податоци со висока резолуција во просторот и времето, ниту еден ВИ модел за вештачка интелигенција за локациско зголемување на постојните предвидувања на моделите не е изводлив“, изјави климатски научник од Институтот за тропска метеорологија.