Индиски жени се маскираат во крави, како дел од провокативен фото-серијал кој има за цел да го поттикне прашањето дали е побезбедно да се биде свето животно во Индија, отколку жена.
Групното силување и убиството на студентка од Делхи во 2012 година започна голема дебата за насилството врз жените, но повеќе од четири години подоцна, полициските статистики покажуваат дека силувањата и злоупотребата не опаднале значајно во главниот град. Најмалку шест силувања и 12 злоставувања се пријавувале секој ден во 2016.
Бројот на осуди за сексуално насилство опадна, од околу 50% од годината на познатиот случај во Делхи. Само третина од случаите имаат правна разврска.
Организациите за права на жените велат дека за овие срамни бројки придонесуваат длабоко вкоренетите патријархални ставови, лошо тренираната и нечувствителна полиција и несоодветното улично осветлување во некои делови од градот.
Во текот на истиот период, имаше пораст на насилството врз религиозните малцинства и хиндусите од ниските касти, во име на заштита на кравите, кои во Индија се свети животни.
Двата трендови се поставени како јукстапозиција во последниот проект на Суџатро Гош, уметник од Калкута. Во него, жени носат маска-крава, позирајќи пред споменици, на воз или работејќи низ домот.
„Основниот проблем се правата на жените и нивната заштита“, вели тој. „Не сум против заштита на кравите, јас сакам животни. Но, загрижен сум за социополитичкото сценарио на мојата држава“.
Гош вели дека проектот става акцент на контрастот во ставовите кон жените и кравите, истовремено покажувајќи солидарност кон жртвите на насилство – и родово и религиозно.
„Вистинска пресметка со овие политичари или екстремистички групи, физички, никогаш не беше опција. Затоа, мојата примарна намера е да ја подигнам свесноста кај луѓето“, вели тој.
Гош е зачуден од бројот на жени кои понудиле да учествуваат во проектот, кој станал многу популарен во последниот период, особено откако толпа екстремисти убија муслимани.
Анализа на индиски веб сајт за истражувачко новинарство, IndiaSpend, минатата недела откри дека 97% од насилството поврзано со заштита на кравите во изминатите осум години, се случило после 2014 година, кога Индија го избра за премиер хинду националистот Нарендра Моди.
Моди во кампањата имаше и платформа со која се забранува убиство на крави, и иако тој лично ги осудува убиствата, пониските членови на неговата партија редовно го оправдуваат насилството во име на одбрана на кравите.
Казните за криумчарење или убиство на кравите исто така се зголемени, откако Моди е на власт.