Индиски поштар со години не ги доставувал писмата

Поштар во Индија е суспендиран откако се утврдило дека не испорачал илјадници писма повеќе од 10 години.

Оние кои никогаш не добиле одговор на пријавата за работа, кредитна картичка или писмо од блиска личност кое го очекувале, сега можеби ја знаат причината. На жителите во индиското село Оханга во државата Ориса, конечно ќе им стигне повратен одговор, но со големо задоцнување.

Илјадниците писма и пакети се откриени случајно, кога група ученици си играле во поштата која од неодамна е напуштена.

Во дворот забележале големи кеси со натписи.

Кога ги отвориле, откриле картички за банкомат и банкарски книшки. Ги повикале своите родители и наскоро властите почнале со истрага за случајот.

Според „Хиндустан Тајмс“, најдени се околу 6 000 писма и пакети, а најстарите се од 2004 година.

Речиси 1500 писма се спасени, но голем дел се оштетени или уништени.

Поштарот Јаганат Руан бил помошник во експозитурата на поштата, а во последната деценија бил задолжен во селската канцеларија.

Сепак, поштарот не бил толку мрзлив, бидејќи сите препорачани и итни пратки уредно ги доставувал, знаејќи дека испраќачот веројатно ќе ја следи испораката, велат официјалните претставници.

Но, редовната пошта завршувала во магацинот, а не кај граѓаните.

Се уште не е јасно зошто овој поштар ја занемарил својата должност.

Индиските медиуми известуваат дека поштарот се брани со тоа дека со години не можел да оди нормално, па затоа не можел да ги испорача писмата.

Властите кои го истражуваат случајот наведуваат дека не им е јасно зошто ниту еден од примачите не поднел жалба досега.