Индексот на индустриското производство во септември 2024 година, во однос на септември 2023, изнесува 92.1, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење на камен во септември годинава, во однос на минатиот септември, бележи опаѓање од 7.5%, во секторот преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6.6%, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 10%.
Како што велат од ДЗС, намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство на пијалаци, текстил, облека, хемикалии и хемиски производи, основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производи од гума и од пластични маси, производство на други неметални минерални производи, производство на метали, на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, производство на машини и уреди, неспоменати на друго место и производство на мебел.
Според главните индустриски групи, пишува во Индексот, производството во септември 2024, во однос на септември 2023 година, бележи опаѓање кај Енергија за 14.9%, интермедијарни производи, освен енергија за 12.2%, трајни производи за широка потрошувачка за 3.8% и нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.9%. Додека, пораст бележи кај капитални производи за 2.4%.
Дополнително, индексот на индустриското производство во периодот јануари – септември 2024 година, во однос на периодот јануари – септември 2023 година, изнесува 95.8.