Реклами од вкупно 567 часа биле емитувани на телевизиите и радијата за време на кампањата за парламентарните избори, покажува Извештајот за платеното политичко рекламирање (ППР) на радиодифузерите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Вкупно 68 (39 телевизии и 29 радија) од 77 радиодифузери во Регистарот на Државната изборна комисија (ДИК) склучиле договори со учесниците во изборната кампања за емитување ППР.
На сите 39 телевизии, заедно биле емитувани вкупно 446 часа 16 минути и 35 секунди ППР на 15 учесници во изборната кампања. Извештајот покажува дека политичките партии Нова Алтернатива и Десна не се рекламирале на телевизија.
Во меѓувреме, на сите 29 радија биле емитувани вкупно 121 час 26 минути и 56 секунди платено политичко рекламирање на 13 учесници во изборната кампања. На радио не се рекламирале политичките партии Десна, Демократи, Аваја и Европското граѓанско движење.
На телевизија најмногу време закупиле двете коалиции предводени од владејачките партии СДСМ и ДУИ – Коалицијата за Европска иднина околу 145 часа и Коалицијата „Европски фронт“ околу 95 часа. Во меѓувреме пак, најмалку време закупила Работничката партија 17 минути.
За кампањата за парламентарните избори, на радио најмногу време закупиле коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ околу 66 часа и коалицијата за Европска иднина, предводена од СДСМ околу 27 часа. Најмалку време закупила партијата Твоја, односно 22 минути.
Телевизијата Алсат-М и радиото Антена продале најмногу рекламен простор
Договори за платено политичко рекламирање склучиле сите 11 национални телевизии.
Од нив, најголем обем рекламно време продала телевизијата Алсат-М околу 44 часа, Канал 5 околу 36 часа и ТВ 21 околу 33 часа.
На врвот кај регионалните телевизии се ТВ Коха со околу 19 часа, ТВ ЕДО со околу 14 часа и ТВ Тера со околу 9 часа.
Во делот на локалните телевизии, најмногу рекламно време продала Канал 8 од Кочани околу 29 часа, ТВ Плус од Куманово со околу 25 часа и ТВ Феста од Куманово каде партиите се рекламирале околу 12 часа.
Исто како и телевизиите, договори за платено политичко рекламирање склучиле сите 4 национални радија. Најмногу рекламно време продало радио Антена 5 околу 15 часа, како и радиото Канал 77 околу 10 часа.
Радиото Скај со околу 10 часа и радиото Буба Мара со околу 9 часа се на врвот во продаден рекламен простор за кампањата за парламентарните избори во однос на регионалните радија.
Во однос на локалните радија пак, 15 од нив склучиле договор за емитување ППР, а во најголем обем било радиото Експрес од Струмица со околу 3 часа и радиото Пела од Кривогаштани исто така со околу 3 часа продадено рекламно време.
Деталниот извештај на АВМУ е достапен на следниов ЛИНК.
Мартин Колоски