Новата 2020 година украсено ја дочекаа Градот Скопје и 20 општини и за тоа потрошиле вкупно 675 илјади евра, покажува новата база на податоци на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Само Град Скопје за украсување на јавните површини потрошил околу 285 илјади евра што е удел од 42% од вкупните пари за оваа намена.
„Гледано во период од 5 години, Градот Скопје не ја смени фирмата со која го склучува договорот, но од година во година ја менуваше вредноста на договорите и тоа главно во нагорна линија. Оттука, вредноста на договорот за украсување на градот за дочекот на Новата 2020 година е за речиси 70% поголема од договорот склучен за дочекот на Новата 2016 година“, велат од ЦГК.
Околу 490 илјади евра односно 73% од парите за новогодишното украсување се потрошија во Скопје и тоа од градските власти и од општините: Центар, Аеродром, Карпош, Чаир, Бутел, Гази Баба и Шуто Оризари.
Споредено со претходната година намален е бројот на општини што се украсени, но е зголемена вредноста на тендерите. Дури 91% од парите за украсување на улиците и плоштадите за дочекот на Новата 2020 година завршиле кај две скопски фирми, Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел.
За разлика од претходната година кога биле украсени 26 општини и Градот Скопје за 615 илјади евра, за дочекот на 2020 година тендери за украсување спровеле 20 општини и Градот Скопје во вкупна вредност од околу 675 илјади евра, што е за 10 % повеќе од минатата година.
„Освен што договорите ги добиваат истите фирми, продолжува и старата навика на задоцнето објавување на огласите за јавна набавка на новогодишно украсување што секако неповолно влијае врз конкуренцијата и ги оневозможува потенцијалните понудувачи потемелно да ја подготват реализацијата на договорите. Оттука е очекувано дека на тендерите со вака кратки рокови ќе аплицираат само фирми кои веќе ги имаат на залиха новогодишните украси“, велат од ЦГК.
Од ЦГК посочуваат дека вкупната вредност на договорите не е конечна и можни се мали варијации бидејќи кај 2 општини известувањето за склучен договор сѐ уште не е објавено на Електронскиот систем за јавни набавки.