[Инфографик] Цената на струјата ќе расте, само 14 отсто од домаќинствата имаат соларни колектори

Додека се редат мноштво анализи за процентот на поскапување на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи во земјава, статистичките податоци покажуваат дека мнозинството домаќинства немаат алтернативни извори за снабдување со струја, коишто би можеле да им ги намалат месечните сметки кон ЕВН Хоум, пишува „Мета“.

Државниот завод за статитистика деновиве излезе со податоци за тоа каква е ситуацијата со инсталираните сончеви колектори кај домаќинствата, коишто можат да произведуваат електрична енергија во објектите и со тоа да ја намалат потрошувачката на ЕВН Хоум, но и притисокот врз електроенергетската мрежа во екот на глобалната енергетска криза и високите цени за увоз на струја од странство.

Вкупно 79.242 домаќинства имале инсталирано соларни колектори во рамките на своите објекти во 2019 година, при што кај 78.093 домаќинства ваквите соларни колектори биле ставени во функција и произведувале струја од сонцето. Според ДЗС, проценката е дека во земјава има 567.743 домаќинства, што значи дека речиси 14 отсто од македонските домаќинства имаат инсталирано соларни колектори во рамките на своите домови.

Погледнато по региони, убедливо најмало искористување на сончевата енергија имало во Полошкиот регион, каде што само 1.899 домаќинства во 2019 година имале вградено соларни колектори во своите домови. Наспроти ова, Источниот регион со 21.511 домаќинства е убедлив рекордер во однос на користењето на обновливата енергија од сонцето.

Статистичките податоци на ДЗС не нудат подетални информации за тоа колкаво е производството на електрична енергија кумулативно од сите домаќинства со соларни колектори, туку единствено дека сончевите колектори се инсталирани на површина од 176.169 метри квадратни. Оние домаќинства коишто имаат сончеви колектори се смета дека ќе почувствуваат поблаг удар од покачувањето на сметките за електрична енергија, бидејќи дел од потрошувачката на струја си ја обезбедуваат од сопствени извори.

Сепак, ДЗС има податоци за тоа какви енергенти користат домаќинствата како основен тип на греење во објектите. Потрошувачката на огревно дрво, електрична енергија и централно парно греење доминира кај затоплувањето на граѓаните, што пак значи дека голем дел од домаќинствата по Нова година можат да добијат зголемени сметки за струја или парно греење, поради фактот што Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба допрва да го соопшти процентот на зголемување на месечните сметки.

Според ДЗС, најголем дел од домаќинствата – вкупно 279.227 ги затоплувале просториите со огревно дрво, чија цена на продажба не е поврзана со одлуките на РКЕ. Дури 177.712 домаќинства се затоплуваат на електрична енергија, додека 58.207 домаќинства од Скопје ги загреваат просториите од топлинска енергија произведена од јавна котлара.

Ова значи дека речиси половина од домаќинствата во Македонија со нетрпение ги очекуваат одлуките на РКЕ за цените на електричната и топлинската енергија за наредните шест месеци, од коишто ќе зависи колкави сметки ќе плаќаат за затоплување на нивните домови. Мета.мк веќе подолг период пишува за процентуалната застапеност на енергентите што ги користат домаќинствата за затоплување на домовите.

Податоците на ДЗС велат дека во 2019 година 48.201 домаќинства користеле брикети или пелети за загревање на просториите, 2.883 домаќинства ја користеле нафтата за ложење, додека минорни 962 домаќинства се грејат на јаглен и дополнителни 551 домаќинство на плин.

Инаку, од Регулаторната комисија за енергетика најдоцна до петок ќе треба да ја донесат одлуката за цената на струјата и парното греење, која што ќе важи од 1 јануари 2022 година.

Мета.мк веќе пишуваше дека изминатава есен имаше голем интерес од граѓаните за набавка на печки за греење на огревно дрво, особено кај оние домаќинства кои досега се грееле на струја или стравуваат од можни рестрикции на снабдувањето со енергија зимскиве месеци.

Еколошките активисти, вклучувајќи ја и политичката партија ДОМ, пак во неколку наврати изминатиов период промовираа поинаква мерка – поголемото стимулирање на домаќинствата за употреба на сончевата енергија.

„ДОМ бара Владата и локалните власти итно да донесат одлука со која ќе ги задолжат  државните институции и јавни претпријатија веднаш да започнат со инсталирање на фотонапонски панели и реконструкција за енергетски ефикасни фасади, на сите јавни објекти. Итно да се поедностави процедурата за добивање дозволи за поставување фотоволтаици и да се отстранат сите лимити за инсталирана моќност на постројките за производство на струја кои граѓаните и компаниите можат да ги инсталираат на своите кровови“, побараа од оваа политичка партија на почетокот од декември.

Доколку се спроведат овие мерки, од ДОМ сметаат дека за шест месеци би можело да се инсталираат нови 200 мегавати сончеви колектори, а до крајот на 2022 година уште 200 дополнителни мегавати, со што до крајот на идната година би можело да се обезбеди доволно енергија за околу 100.000 домаќинства.

И Горјан Јовановски, креатор на апликацијата „Мој воздух“ и советник на „Зелен хуман град“ во Советот на град Скопје за Мета.мк изјави дека вистински одговор на актуелната енергетска криза би можело да биде инвестирањето во сончевата енергија.

„Како земја со над 230 просечно сончеви денови во годината, соларни фарми и промоција на соларната енергија за домаќинствата е круцијална за намалување на аерозагадувањето од многу извори. Ова е долгорочна мерка, што не смее да се одложува“, вели Горјан Јовановски, додавајќи дека плановите за ваков развој за Скопје и за целата земја не треба да се прават само за еден изборен циклус, туку за наредните 50 или 100 години.

За да се справи со глобалната енергетска криза и растечките цени за увоз на струја, Владата на РСМ се одлучи периодов да го вклучи во работа ТЕЦ „Неготино“, којшто се смета дека ќе биде доволен за да се преброди зимскиот период, заедно со непреченото функционирање на термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“.

Мета.мк изминатава година пишуваше дека инвестицијата за поставување на фотоволтаичен панел на покрив се движи од 600 до 700 евра за киловат, односно за инсталирање на максималните 4 киловати за една куќа потребни се средства од околу 3.000 евра. Доколку сончевите колектори работат до 1.500 часа на годишно ниво, тие можат да ја отплатат инвестицијата на домаќинствата во нив за неколку години.

Инаку, Министерството за економија во предложениот буџет за 2022 година, во програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност, предвидува субвенции за граѓаните во висина од 80 милиони денари. Иако оваа сума е за 30 милиони денари повеќе споредено со средствата предвидени во 2021 година, сепак овие субвенции се распределуваат во четири различни ставки, меѓу кои се купените и вградени сончеви колектори во домаќинствата, и не се сметаат за доволни за да опфатат поголем број домаќинства на национално ниво.

Мета