[Инфографик] Како Владата го замислува образованието во следниве 4 години?

Подобрување на резултатите на ПИСА тестирањето преку зголемување на функционалната писменост на македонските ученици, анализа на средните училишта и преиспитување на финансирањето, како и подигање на квалитетот на високото образование преку поставување на механизми за конкурентност и евалуација се дел од владините ветувањата за образованието во следните четири кои се дел од нивната Програма за работа, која во неделата беше одобрена од Собранието.

„Владата ќе развива квалитетно образование достапно на сите; образование кое ќе создава кадри кои ќе размислуваат логички и критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти и анализи. Сакаме образование што ќе изгради личности кои ќе ги почитуваат и негуваат граѓанските права, толеранцијата и различностите, ќе се воспитуваат и образуваат во духот на мултикултурализмот и ќе се оспособат за позитивен одговор на побарувачката на пазарот на труд“, стои во воведот на Владината програма во делот посветен на образованието.

Покрај некои нови реформи кои се најавуваат со Програмата, како образовна реформа со фокус на логичкото размислување и стратегија за дигитализација на образовниот систем, поголем дел од заложбите во претстојниот мандат на Владата се исти или слични со оние од претходната Програма кои не беа исполнети изминатите три и пол години. Па така и во оваа Владина програма се повторуваат ветувањата за зајакнување на училиштата со педагози, дефектолози и психолози, повторно се најавуваат 1,5% од БДП за наука, нови училишта како и конечно завршување на изградбата на објектите на Универзитетот „Мајка Тереза“ и студентскиот дом при Државниот универзитет во Тетово.

Даниел Евросимоски