[Инфографик] Ќе се нагледаме ѓубре уште три-четири години, современи депонии дури во 2027

Бројките низ годините растат, за да кулминираат во 2022 година, кога Државниот завод за статистика регистрирал дека еден македонски граѓанин во просек создал 467 килограми комунален отпад, јавува Мета.

Македонија ќе ги започне инвестициите во воспоставување на регионалните системи за управување со отпад во втората половина на 2024 година, додека современите регионални депонии по стандардите на ЕУ ќе бидат завршени до септември 2027 година. Ова се генералните временски рамки за реализација на проектот вреден 55 милиони евра, за кој македонската влада во јануари годинава го потпиша договорот со Европската банка за обнова и развој.

Заедно со современите регионални депонии што ќе бидат лоцирани во општините Гостивар (Полошки регион), Новаци (Пелагониски и Југозападен регион) и Василево (Југоисточен и Вардарски регион), со проектот ќе се изградат и претоварни станици за отпад во преостанатите општини, додека секоја локална самоуправа во овие пет региони ќе добие специјални возила и контејнери за собирање на отпадот.

„Проектот за првпат ќе воведе услуги за комунален цврст отпад во согласност со соодветните стандарди на ЕУ во секторот, покривајќи популација од повеќе од еден милион жители во пет административни региони и 48 општини во земјата“, велат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Ова министерство ќе биде одговорно за имплементација на проектот во земјава, при што самиот заем за решавање на досегашниот проблем со дивите депонии и ѓубриштата и неконтролираното фрлање на отпад во природата ќе се реализира во две транши. Првата транша е во износ од 47,5 милиони евра и ќе биде подигната со потпишувањето на заемот, додека втората транша до 7,5 милиони евра ќе биде необврзна и ќе подлежи на дополнително и посебно испитување.

Од Министерството за животна средина објаснуваат дека на почетокот на месецов се потпишал договорот со консултантска компанија која ќе ја започне подготовката на документите за јавна набавка на возила, контејни и канти за отпадоци, како и за изведба на работи-градба на претоварните станици и регионалните депонии.

„Подготовката на овие документи е предвидена да трае три месеци по што ќе бидат објавени повиците“, го објаснуваат од ова министерство временскиот период што ќе биде потребен пред да се публикуваат меѓународните тендери за избор на изведувачи што ќе работат на воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад во пет региони.

Покрај од ЕБОР, за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад се очекува и финансиска поддршка од Инвестициската програма за Западен Балкан (WBIF) во висина од 22,3 милиони евра, како и 2 милиони евра за изработка на студии за развој во двата региона. Подготовката на проектот и претстојната имплементација го поддржа Шведска меѓународна агенција за соработка и развој (SIDA), со финансиски средства од еден милион евра.

Дополнително, за Полошкиот регион и тамошната депонија во Русино обезбедена е швајцарска финансиска поддршка што ќе биде распределена за финализирање на рехабилитацијата на оваа депонија и за понатамошен развој на институционалното управување на регионално и локално ниво во секторот.

За разлика од бројните проблеми со недостигот на волја на општините за имплементација на проектите за изградба на регионалните депонии, се очекува актуелните општински власти за претстојниот проект да не прават проблеми по примерот на Општина Свети Николе за регионалната депонија во Мечкуевци, како и претходно по примерот на Дебрца за изведбата на современа депонија за Југозападниот регион.

Од „Пакомак“ за Мета.мк објаснуваат дека единствен начин да се намали количеството на измешан комунален отпад што завршува на постојните депонии е доследната имплементација на законите во врска со отпадот и континуирана едукација на граѓаните, општините и нивните јавни комунални претпријатија.

Од „Пакомак“ потсетуваат дека општините уште сега треба да ги подготвуваат сите чинители на локално ниво, оти штом се имплементираат регионалните депонии како центри за собирање на отпадот, секое депонирање на ѓубре кај нив ќе претставува трошок за општината односно нејзините жители.

„Да се надеваме дека регионалните депонии ќе се имплементираат многу брзо“, велат од „Пакомак“.

Инаку, Македонија веќе 19-та година се обидува да ги воспостави регионалните системи за управување со отпад. Желбата за членство во ЕУ и стекнувањето на кандидатскиот статус на земјава временски е во речиси идентичен период со преземањето на обврската на македонските власти за изградба на новите депонии по европски стандарди, но никако не успеваме да завршиме барем еден ваков проект до денешен ден.

Во последниот Извештај за реформскиот напредок на Европската Комисија во делот на Животната средина и климатски промени, токму изградбата на регионалните депонии се посочени како една од трите клучни активности на кои македонските власти треба да работат во текот на 2023 година.

Количеството на создаден отпад од граѓаните расте

И додека македонските власти речиси две децении го одложуваа воспоставувањето на европските стандарди во управувањето со отпад, податоците на Државниот завод за статистика алармираат на растечкиот проблем на зголемени количества комунален отпад што ги создаваат граѓаните. Истовремено, низ годините се засилува јазот помеѓу обемот на создадено ѓубре од граѓаните и она што е собрано од јавните комунални претпријатија, бидејќи токму ваквата разлика завршува на дивите депонии насекаде во природата.

Статистичките податоци за 2022 година покажуваат дека вкупното количество на создаден комунален отпад во С.Македонија изнесувало 856.766 тони. Наспроти ова, количеството на собран комунален отпад лани од страна на јавните комунални претпријатија изнесувало 605.638 тони и истото бележи намалување од 4,2 отсто во споредба со 2021 година.

Наголемувачкиот проблем со управување на отпадот може особено да се забележи преку годишното количество на отпад што го создава еден жител на С.Македонија. Бројките низ годините растат, за да кулминираат во 2022 година, кога Државниот завод за статистика регистрирал дека еден македонски граѓанин во просек создал 467 килограми комунален отпад, што е за 3,3 отсто повеќе од истото количество во 2021 година.

Мета