Податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање, добиени од мерните станици поставени во скопските општини, покажуваат дека загадувањето на воздухот со ПМ10 честички е зголемено речиси двојно од почетокот на грејната сезона на 15 октомври 2024 година, пренесува новинската агенција Мета.
Традиционално, најзагадена населба и оваа сезона е Лисиче, која на денот на почетокот на сезоната бележи загадување од нешто помалку од 50 микрограми на метар кубен на дневно ниво. Завчера, на 08 ноември, во Лисиче е измерено средно дневно загадување со ПМ10 честички од 104 микгрограми на метар кубен. Инаку, максимално дозволеното загадување со ПМ10 според светската здравствена организација е 50 микрограми на метар кубен.
Но, и останатите скопски населби не заостануваат многу зад Лисиче кога станува збор за загадувањето на воздухот. На врвот се и Центар, Гази Баба и Ректорат. Всушност, секаде каде што се во функција мерните станици, во последните неколку дена се бележи загадување над максимално дозволеното од СЗО.