Бројот на дипломците на државните и приватните високообразовни институции во Македонија лани е минимално намален, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Вкупно лани дипломирале 7.422 студенти, што е намалување за 37 студенти во споредба со 2022 година, кога додипломски студии завршиле 7.459 студенти.
За државните високообразовни институции лани се евидентирани 5.240 дипломирани студенти, што претставува зголемување за 214. Во меѓувреме пак, за 278 е намален е бројот на дипломците на приватните универзитети, односно апсолутната бројка лани изнесува 2.155 студенти.
Најголем број на дипломирани студенти има на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, по што следуваат Универзитетот во Тетово и Универзитет „Гоце Делчев“ Штип.
Во меѓувреме, најмал број на дипломци се регистрирани на Универзитет ЕСРА/ЕФТА/Еуропа Прима – Скопје, Факултет за бизнис економија – Скопје и МИТ Универзитетот.
Инаку, достапните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупниот број на студенти што завршиле додипломски студии во последните години е во опаѓање, па така, во 2012 година се забележуваат 10.385 дипломирани студенти што претставува околу 3.000 студенти помалку во 2023 година.
Мартин Колоски