[Инфографик] Нема пари за вработување на нови инспектори за животна средина, ќе се чека ребаланс на буџетот

Вработувањето на нови инспектори во Државниот инспекторат за животна средина ќе треба да почека ребаланс на буџетот. Инспекторатот многу долго време кубури со кадар и работи на границите на можностите со само 50 отсто од бројот на вработени кои навистина му требаат. Еден цел регион во земјава, североисточниот, нема ниту еден инспектор, а општините и сите еколошки ризици кои ги демнат граѓаните кои живеат во овој регион ги покриваат инспектор од Пробиштип и инспектор од Скопје. И покрај ваквата реалност, за овие работни места не се најде соодветна финансиска поткрепа во кроењето на буџетот за годинава, откако амандманот поднесен по предлог на граѓанската организација О2 Иницијатива беше отфрлен уште во комисиската расправа во Парламентот, објави Мета.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска, во разговор за „Мета“, вели дека откако Владата донесе одлука дека новите вработувања во Државниот инспекторат за животна средина имаат висок приоритет, очекува да се одобри Планот за вработување за 2021 година и институцијата да го зголеми бројот на испектори. Таа кон крајот на минатата година најави дека на Инспекторатот му се потребни најмалку осум нови инспектори. Сепак, реалноста е дека оваа бројка не е ни блиску до она што е потребно за оптимално функционирање на институцијата, на која ѝ требаат најмалку двојно од овој број нови вработувања.

„Со систематизацијата на работните места во Државниот инспекторат за животна средина предвидени се вкупно 40 инспектори, од кои 30 за животна средина, три за природа и седум водостопански инспектори. Во моментот имаме 15 активни инспектори за животна средина, еден за природа и двајца водостопански инспектори. Од 15 инспектори, 13 се со долгогодишно искуство и добро се справуваат со состојбите на терен, но оваа бројка треба да се зголеми. За новите вработувања ќе биде потребно да се обезбедат финансиски средства со наредниот ребаланс на буџетот“, вели Петровска.

Посочува дека неопходно е да се направи и специјализација на инспекциските служби, имајќи предвид дека тие имаат надлежност врз спроведување на голем број закони, како што се законите за животна средина, за природа, амбиентен воздух, управување со отпад, што вклучува и медицински отпад, отпад од пакување, акумулатори, елктрична и електронска опрема итн.. Инспекторите е неоходно да бидат квалификувани и со соодветно образование и струка бидејќи треба да работат и по законите за хемикалии, за минерални суровини, за генетски модифицирани организми и други. Тоа значи, вели Петровска дека, дел од инспекторите кои ќе ги инспектираат загадувачите со согорувачки процеси ќе треба да се специјализираат за законот за квалитет на амбиентен воздух.

Последните неколку месеци активностите на Инспекторатот се многу интензивирани, а резултат на тоа се неколку вонредни контроли кои доведоа до казнување и затворање на инсталации кои со својата работа сериозно ја загадуваат околината. Новина е и поинтензивната соработка со локалните инспектори, за да се надминат некои ситуации од минатото кога не се излегуваше на терен, а загадувачи се провлекуваа заради немање надлежност.

„Соработката со овластените инспектори за животна средина е клучна, бидејќи неопходно е да се инспектираат инсталации во надлежност на централно и на локално ниво. Досега соработката беше на наше барање, но очекувам во иднина да биде поорганизирана. Воспоставивме и потесна соработка со Министерството за внатрешни работи за одредени инспекциски постапки што го бараат тоа. Исто така, во соработка со Инспекцискиот совет, спроведуваме и координирани надзори со други инспекторати, како што се Државниот инспекторат за техничка инспекција, Инспекторатот за земјоделство, овластени инспектори за градежништво итн. Овие координирани надзори се со цел сеопфатно да се покријат евентуални недоследности или прекршувања на закони што не се во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина, но може да имаат влијание на животната средина“, вели Петровска.

Мета