[Инфографик] Скопскиот воздух во февруари и март бил позагаден од истиот период лани

Мерките што ги презедоа државните и општинските власти за намалување на загадувањето на воздухот во Скопје се недоволни. Податоците од мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање за аерозагадувањето на главниот град покажуваат дека зимава воздухот бил позагаден во февруари и март во споредба со идентичните месеци лани, пишува Мета.

Од агенцијата ги анализираше месечните извештаи за квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје за февруари и март 2021 година и ги спореди со идентичните месеци од минатата година. Резултатите покажуваат дека дури 24 дена во месец февруари годинава на мерната станица во Центар, концентрацијата на ПМ 2.5 честички била над максимално дозволената концентрација од 25 микрограми на метар кубен. На мерната станица во Карпош, идентичен загрижувачки резултат е добиен при мерењата во дури 22 дена од изминатиов февруари.

На мерната станица во Центар, среднодневната концентрација на ПМ 2.5 честички во февруари 2021 година изнесувала загрижувачки 48,84 микрограми на метар кубен, додека идентичниот месец лани биле измерени 32,18 микрограми на метар кубен.

На мерната станица во Карпош, среднодневната концентрација на ПМ 2.5 честички во февруари 2021 година изнесувала 39,65 микрограми на метар кубен, додека во истиот месец од 2020 година на оваа локација биле измерени 38,96 микрограми на метар кубен.

Изминатава зима била влошена состојбата и кај регистрираните мерења на ПМ 10 честички во скопскиот воздух. Па така, на мерната станица во Гази Баба, среднодневната концентрација на ПМ-10 честички во февруари 2021 година изнесувала 65,11 микрограми на метар кубен, додека лани во февруари биле измерени 50,33 микрограми на метар кубен. За потсетување, дозволената среднодневна концентрација на ПМ-10 честички е 50 микрограми на метар кубен.

Денови со надминати концентрации на ПМ-10 честички во февруари 2020; Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

Денови со надминати концентрации на ПМ-10 честички во февруари 2021; Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

И според бројот на денови во кои е надмината 24-часовната дозволена вредност на ПМ-10 честички, годинава во февруари на мерните станици во Центар и Карпош имало надминување дури 22 дена во месецот, во Гази Баба е забележано надминување во 19 дена, а во Лисиче дури 23 од 28 дена во месецот биле надминати максималните граници на загадување со ПМ-10 честички. Податоците за февруари 2020 година покажуваат дека имало од 5 до 7 помалку денови во кои била надмината среднодневната концентрација на ПМ-10 честички кај сите мерни станици во Скопје.

Покрај значителното зголемување на аерозагадувањето на воздухот во Скопје изминатиов февруари, и третиот месец од годинава на повеќето мерни станици во главниот град бил измерен позагаден воздух од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање во споредба со март 2020 година.

Денови со надминати концентрации на ПМ-10 честички во март 2020; Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

Денови со надминати концентрации на ПМ-10 честички во март 2021; Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

Па така, во 16 дена од март 2021 година на мерната станица во Центар и во 12 дена од претходниот месец на локацијата во Карпош, концентрацијата на ПМ 2.5 честички во воздухот била над дозволената вредност од 25 микрограми на метар кубен.

На мерната станица во Центар, среднодневната концентрација на ПМ 2.5 честички во март 2021 година изнесувала 27,05 микрограми на метар кубен, додека идентичниот месец лани биле измерени 24,66 микрограми на метар кубен.

На мерната станица во Карпош, во март годинава било регистрирано намалување на аерозагадувањето со ПМ 2.5 честички, па така среднодневната концентрација на ПМ 2.5 честички во март 2021 година изнесувала 22,48 микрограми на метар кубен, додека во истиот месец од 2020 година на оваа локација биле измерени 26,60 микрограми на метар кубен.

Во делот на ПМ-10 честичките во воздухот, во март 2021 година забележано е минимално зголемување на аерозагадувањето на мерната станица во Гази Баба. Среднодневната концентрација со ПМ 10 честички во март 2021 година на оваа локација изнесувала 36,38 микрограми на метар кубен, додека истиот месец лани на мерната станица во Гази Баба биле измерени 35,84 микрограми на метар кубен.

Според бројот на денови во кои е надмината 24-часовната дозволена вредност на ПМ-10 честички, на мерната станици во Гази Баба е забележано надминување на дозволените концентрации во текот на 9 дена, наспроти минатата година кога истото било измерено за 6 дена во март. На мерната станица во Центар биле измерени и годинава и лани во март во текот на 8 дена биле надминати среднодневните граници од над 50 микрограми на метар кубен на ПМ-10 честички, додека на мерните станици во Лисиче и Карпош имало намалување на загадувањето. Годинава во март граничната вредност на ПМ-10 во Лисиче била надмината 13 дена, а лани 18 дена во текот на месецот. Во Карпош, над 50 микрограми на метар кубен на ПМ-10 честички во март 2021 биле измерени во текот на 9 дена, а лани во текот на 10 дена.

Мета