Професорска неодговорност, дискриминација, корупција, сексуално вознемирување, небезбедни и несоодветни услови се само дел од причините за кои одредени студентите на државните факултети во Македонија имаат поднесено жалби. Меѓутоа, на Инстаграм анкетата на Радио МОФ која беше наменета за студентите, дури 63% се изјаснија дека не знаат каде се поднесува жалба, односно не знаат за студентскиот правобранител како одговорно тело за заштита на нивните права.
„Многупати сум се нашла во ситуација во која сум сакала да поднесам жалба, но затоа што не знам каде, немам поднесено“, посочува еден од студентите кои одговорија на анкетата.
Според спроведената анкета во која побаравме одговори од студенти, дознаваме дека од вкупно 375 одговори, 237 или 63% не знаат каде се поднесува жалба на факултет. Од нив 89% никогаш не поднеле претставка, 28 студенти или 7% поднеле еднаш, 5 студенти или 1% поднеле двапати, а 9 или 3% од нив поднеле три или повеќе жалби.
Неодговорност на професор е причина за најголемиот дел од жалбите кои ги поднеле овие студенти, попрецизно, ова е причината за 32 жалби или 55%. Додека пак, 11 студенти или 19% претрпеле дискриминација на факултет, 9 или 16% се пожалиле на корупција, а 6 студенти или 10% биле сексуално вознемирувани. Дополнително, еден студент наведува дека поднел жалба поради хигиената во факултетот, додека пак друг се пожалил од сите горенаведени причини.
За да добиеме подобар увид во моменталната ситуација на факултетите се обративме до сите студентски правобранители на државните универзитети и факултети во Македонија чиј контакт може да се пронајде на интернет мрежите и веб-страните на факултетите (над 20 студентски правобранители) и ги прашавме колку жалби имаат примено за време на нивниот мандат, за што се однесувале и што според нив кажува ова за општата состојба на факултетите и (не)задоволството на студентите од неа.
Единствените кои ни одговорија и со кои успеавме да стапиме во контакт до објавувањето на овој текст се студентската правобранителка при Универзитетот „Кирил и Методиј“ (УКИМ) Савче Ѓошева, студентската правобранителка на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер (ФДТМЕ) при УКИМ Теодора Јордановска и студентската правобранителка при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) Стојанка Ќупчева.
„Моментално работам на 2 случаи кои се однесуваат на некоректен однос од професор кон студент“, информира Ѓошева.
Таа раскажува дека на оваа позиција е од ноември минатата година и дека досега има добиено 13 жалби кои се однесуваат на нелегитимни избори на Факултетското студентско собрание (ФСС) и куќниот совет во студентски дом, небезбедни услови во околината на факултет, односно напаѓање и разбојништво кон студенти, како и за непочитување на правото за редовност на студентот при издавање на слободни билети од ЈСП.
Исто така, до Ѓошева стигнале жалби за несоодветни услови и скратено работно време во читалната „1000 книги“, но и, како што вели, за дискриминација на одредена група студенти во наведените критериуми за доделување на стипендии на втор/трет циклус од МОН.
Дополнително, три од претставките се поднесени за несоодветно однесување на професор кон студент, а три за несоодветни услови и третман на студентите во студентиските домови.
„Ова се само процесираните жалби, а има сигурно уште 2-3 непроцесирани. На претходните правобранители не им стигнувале претставки, што може да се должи на фактот дека позицијата не била уште препознаена. Можеби почнуваат да се охрабруваат бидејќи оттогаш студентските права се ставија во фокус. Иако е подобро од нула, мислам дека натаму треба да спроведуваме уште активни кампањи и ние како правобранители и собранијата“, истакнува таа.
Ѓошева појаснува дека, почесто, еден случај се решава така што таа е медијатор помеѓу студентот и професорот или факултетот и преку разговор се доаѓа до компромис. Но, како што вели, за некои случаи се потребни докази за извршената неправда и сторената повреда и тие траат, па можеби затоа некои студенти одлучуваат да не пријават.
„Кога се работи за корупција, тогаш не пријавуваат, ми нема стигнато ниту една претставка која се однесува специфично на корупција“, додава студентската правобранителка.
Таа нагласува дека досега немала случај во кој последиците биле полоши од претходната ситуација, доколку не бил пријавен проблем, како и дека тоа треба да биде охрабрување студентот на кој му се прекршени правата да не се плаши и да пријави.
„Мислам дека има уште многу кои не се пријавени, и тоа всушност е поттикот да работиме активно и да и покажеме на јавноста дека студентот треба да пријави неправда и ние понатаму да го превземеме случајот“, заклучува Ѓошева.
За ситуацијата на УКЛО нѝ раскажа моменталната универзитетска студентска правобранителка Стојанка Ќупчева, избрана на крајот од минатата година. Таа вели дека според нејзиниот досегашен ангажман, студентите таму делумно се запознаени со постоењето на студентскиот правобранител како тело, но сепак поретко се осмелуваат да пријават повреда на студентски права.
„Јас и мојот тим работиме на оваа проблематика, нашите колеги да ја стекнат довербата во нас и да се осмелат да ги искажат своите незадоволства, а ние пред сè како совесни нивни колеги, но и како студентско тело да го браниме нивното право, а воедно и нашето“, истакнува таа.
Досега, до Ќупчева стигнале 2 жалби, назначени како „барање“. Во првото, како што посочува таа, станувало збор за повреда на правото на увид на испитот, а во второто за повреда на правото за полагање колоквиум.
„Моите колеги често ми се обраќаат за совет, насока или мислење за конкретна ситуација, за помош во разјаснување на некоја нејаснотија, разгледување и толкување на Статутот на високо образование“, додава таа.
Единствената студентска правобранителка на факултет која ни одговори на прашањата е Теодора Јордановска од ФДТМЕ. Таа е избрана пред 3 месеци и досега ниту еден студент не се пожалил официјално до неа.
Според неа, може да се претпостави дека нема жалби затоа што се почитуваат правата на студентите или пак тие не можат да ги препознаат неправдите кои се вршат врз нив и не пријавуваат.
„На студентите, посебно на ФДТМЕ, треба да им се овозможи подобро да се запознаат со нивните права за во иднина да можат да ги препознаваат и пријавуваат неправдите кои се извршуваат врз нив. Треба да им се објасни дека не смеат да дозволуваат правата да им бидат загрозени, дека без страв и цензура слободно можат да поднесат жалба до студенски правобранител, дури и анонимно ако не сакаат да им се знае идентитетот“, наведува таа.
Инаку, се обративме и до Ректоратот на УКИМ со прашање дали до нив стигнуваат претставки од студенти кои не знаат за постоењето на телото студентски правобранител, по што бевме препратени кон студентскиот правобранител. Дополнително, одговор не добивме од Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.
Ангела Петкова