Еден 103-годишник, но и десет 18-годишници се најдоа на листата на оние кои примиле барем една доза вакцина против Ковид-19, на некој од пунктовите од здравствените установи или пак во спортските сали за масовна вакцинација ширум земјава.
Најмладите вакцинирани лици имаат 18 години, а вакцината ја добиле како резултат на тоа што работат во критичната инфраструктура, односно здравствени работници и припадници на полицијата и армијата. Кога се работи за вакцинацијата на младите од 18-29 години, дистрибуцијата на вакцини изгледа вака:
Најмногу дози односно, 47.579 вакцини се администрирани на лица во возрасната група од 66 до 75 години. Според МЗ заклучно со вчерашниот ден во земјава барем една доза вакцина против Ковид-19 примиле 135.574 граѓани. Вкупно пак се аплицирани 160.425 дози вакцини. Оттука, целосно вакцинирани се 24.851 граѓани.
Вакцинацијата против Ковид-19 се спроведува согласно Националниот план за имунизација, тврдат од министерството.
„Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура“, соопштуваат од министерството.
Во процесот на имунизација, во А1 арената која е една од местата за масовна вакцинација на граѓаните, на терен работат повеќе од 30 волонтери за поддршка на здравствените работници и граѓаните.
Еден од нив е и младиот Александар Недев.
„Важно е да сме овде, поради тоа што сепак ние како идни здравствени работници даваме придонес за сузбивање на сите инфективни заболувања, како што е и оваа глобална пандемија“, вели тој за Радио МОФ.
Инаку, масовната вакцинација, покрај во арената „А1“ се одвива и во неколку градови во државата во спортсите сали, како во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Интересот за вакцинација, како што објаснуваат од Министерството секојдневно се зголемува, посочувајќи дека досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб-страницата vakcinacija.mk изнесува 318.793 граѓани.
Оваа пролет, С. Македонија се соочи со досега најсилниот бран на пандемијата со коронавирусот, поради забрзаното ширење на британскиот сој меѓу граѓаните.
Сепак, министерот за здравство Венко Филипче пред пред два дена истакна дека епидемиолошката крива е во опаѓање, како и дека бројот на хоспитализирани апциенти во континуитет се намалува.
Благодарение на тоа, Владата вчера ги олесна рестриктивните мерки, со тоа што полицискиот час го скрати дополнително за еден час, па така од утре, забраната за движење ќе важи од полноќ па се до 4 часот наутро. Дополнително, тие меѓудругото донесоа и одлука дека може да се одржуваат настани, но со максимална исполнетост до 30% од капацитетот на просторите.
М.К.