Среда, еден часот попладне. Во центарот на Скопје почнува да се создава типичниот метеж кој му претходи на шпицот и блокираните крстосници во главниот град. Се чини дека повеќето одлучуваат да стигнат некаде со автомобил, но ги има и оние кои се движат пеш, со велосипед, електричен тротинет, но и автобус.
Десеттина луѓе чекаат на постојката „Градска болница“ во центарот на градот. Освен преку мобилните апликации, друг начин за следење на автобусите на јавниот превоз не постои, бидејќи инфо дисплејот на самата станица во моментот не работеше. Информациите на дисплеите и мобилните апликации се речиси идентични, но не се целосно веродостојни, што го покажа и нашиот тест.
Во 13:45 часот на апликацијата увидовме дека автобусот на линијата 7 треба да стигне за 3 минути на постојката „Градска болница“. Но, 4 минути подоцна, автобусот не само што не се појави на станицата, туку и исчезна од самата апликација за следење.
Во истото време – 13:49, дојде двокатниот автобус на линија 22, кој пак го немаше на мобилната апликација. Единствено на време пристигна приватниот автобус на линија 23.
Дополнително, решивме да провериме уште неколку автобуски линии. Автобусот на линијата 5 пристигна во 13:47, иако ја пишуваше за 2 минути, за одма потоа да ја снема. Автобусот на линија 24 пак, иако во 13:50 ја пишуваше за 6 минути, потоа ја снема, додека приватната 22-ка, иако требаше да пристигне за 1 минута во 13:54, дојде со 2 минути закаснување, во 13:57 часот.
Граѓаните кои ги затекнавме на автобуските постојки се со поделени мислења на темата. Некои од нив сметаат дека не можат да се ослонат на информациите кои ги прикажуваат дисплеите. Дел се децидни дека автобусите не се придржуваат до возниот ред, односно до информациите кои се прикажуваат на инфо дисплеите, додека некои сметаат дека тоа не претставува некаков проблем и имаат разбирање доколку тие доцнат.
„Зависи од гужва. Некогаш доцнат, некогаш е океј. Зависи. Се зависи од гужвата, и семафор ако го фати, и затоа ќе покаже една минута-две“, вели една повозрасна жена.
Во меѓувреме, друга жена дополни дека автобусите генерално не се придржуваат до информациите кои се прикажани.
„Јас се возам со ‘5ка’ најчесто, многупати ‘5ка’ ја нема во тоа време што треба да го има – што прикажува… Една ја нема, па прескокнува“, вели таа.
Од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје за Радио МОФ велат дека инцидентно на инфо дисплеите се случува неусогласеност на информациите кои се прикажуваат со реалната состојба на терен. Причината поради ова се, како што велат, моменталните технички околности, односно миграција од 3Г на 4Г мрежата.
Звучната сигнализација во автобусите онеме
Во повеќето автобуси на јавниот превоз во Скопје одреден период имаше звучна сигнализација, но веќе подолго време, реченицата „Следна постојка – …“ не може да се чуе низ автобусите во градот.
„Да имам средени автобуси, средени раскрсници, никогаш не би земал асистент“, смета Кристијан Лазарев, лице со целосно оштетен вид.
Лазарев за Радио МОФ објаснува дека главен проблем му претставува движењето. Тој вели дека доколку се среди пристапноста, автобусите и семафорите во градот, не би користел асистенција.
„За да знам која е следната станица користам ‘Гугл мапс’ или некои слични апликации, што не се најсоодветни, најдобри, не можам цело време телефонот да го држам до уво, некогаш ќе снемам батерија, некогаш некој ќе ми се јави, некогаш не е толку прецизен ‘Гугл мапс’, поинаку би било кога тоа ќе се слушне на звучник, како што е во странство. Сум патувал сам во странство, во други држави, и секаде е одлично за таа работа. Кај нас е проблем, велам, тоа е сериозен проблем и една од причините што толку многу слепите луѓе се зависни од личната асистенција како услуга, што ја нуди државата, и државата губи огромен дел средства секој месец, само поради тоа што ги нема средено автобусите“, вели Лазарев.
Во меѓувреме, Лазарев објаснува дека кога звучната сигнализација била во функција во јавниот превоз во Скопје, била несоодветна, бидејќи истовремено со неа, била пуштена музика или радио. Од друга страна, додава дека сигнализацијата многу често била претивка, а проблемот го наоѓа и во навиките на луѓето во јавниот превоз.
„Можеби во иднина ќе треба да се смисли нешто поинакво“, смета Лазарев.
Од ЈСП посочуваат дека сите возила „Јутонг“ поседуваат говорни локатори, односно т.н. синтезатор.
„Во моментов (н.з. на него) се врши техничка надградба и истиот очекуваме за десетина дена повторно да биде вклучен, односно во
сите ‘кинески’ возила да има звучна сигнализација/локатор на постојките“, ни изјавија претходно од ЈСП.
Дополнително, од претпријатието велат дека во возилата „ЛАЗ“ и „МАН“ нема синтезатор бидејќи не постојат технички можности за негова имплементација.
Лазарев е дециден дека огромен проблем претставува што тие кои се охрабруваат да се движат сами во јавниот транспорт, завршуваат на погрешни станици, истакнувајќи дека целиот јавен транспорт треба да се прилагоди.
Мартин Колоски