Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за сите заинтересирани кандидати – потенцијални идни студенти на Универзитетот, излезе со соопштение со детали за уписите. Радио МОФ ви го пренесува во целост:
„Ве потсетуваме дека доколку планирате да поднесете документи за запишување на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на прв циклус студии во учебната 2013/2014 година, во термините предвидени со Конкурсот (15 и 16 август о.г.), имате обврска претходно да направите електронска пријава на порталот за електронска поддршка на уписите – iKnow (https://www.upisi.ukim.mk/).
Оваа обврска треба да биде завршена што поскоро, а секако во периодот пред започнувањето на уписите. На деновите на уписите, потребно е да ги доставите, до студентската служба на факултетот, потребните документи специфицирани во Конкурсот заедно со „Универзитетскиот пријавен лист“, кој ќе можете да го испечатите при комплетно завршување на електронската пријава на iKnow-системот. Овој пријавен лист се разликува од универзитетската пријава за запишување – „Пријавен лист“, која исто така сте обврзани да ја доставите при запишувањето, а која претставува печатен образец и се набавува во скриптарниците лоцирани на повеќе факултети на УКИМ и во други книжарници во градот.
Електронската пријава започнува со создавање на кориснички профил на споменатата интернет- страница за што ви е потребна само активна e-адреса, слично како што тоа го правите на социјалните мрежи. Системот автоматски ќе ви испрати e-порака во која има детали за активирање на вашиот профил. По активирањето треба да се најавите на системот и во одделот „Пријава за прв циклус“ да пополните систем од формулари во кои ќе ги внесете вашите генералии, видот на претходно завршеното образование и постигнатиот успех, посакуваниот факултет, квотата и множеството студиски програми (насоки) според приоритетот на пожелност за вас, како и дали сте согласни да бидете рангирани во квотата со кофинансирање или не. На крајот, системот ќе ви понуди можност да испечатите некои од потребните документи за запишувањето. Внесувањето на формуларите (и евентуалните подоцнежни измени) е постапка која можете да ја правите повеќекратно.
На порталот имате можност да ги видите и прелиминарната и финалната ранг-листа веднаш кога факултетот ќе ги објави. Освен тоа, имате можност и да побарате помош и поддршка преку поднесување на барање (отворање тикет) на линкот „Пријави неправилности“, на кое ќе ви одговори факултетскиот администратор или техничката служба во Ректоратот.
Доколку веќе сте ја започнале постапката за пријава, не заборавајте правовремено да ја комплетирате и да ги испечатите потребните документи. Користете исклучиво македонска поддршка и кирилско писмо за внесување на личните податоци.“