Под мотото „Првиот филм никогаш не се заборава“ од 3 до 12 октомври ќе се одржи третото издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“.
Првите два фестивалски дена се во среда и во четврток (3 и 4 октомври) во киното „Фросина“ во МКЦ, со комбинација на македонски и норвешки остварувања, додека во Кинотеката на Македонија од 7 до 10 октомври ќе се прикажуваат филмови од Ингмар Бергман. Преку проекција на неговите првите филмови – „Криза“, „Врне над нашата љубов“, „Насмевки на летната ноќ“ и „Маѓепсникот“, фестивалот се вклучува во прославата на 100 години од раѓањето на овој култен шведски режисер, кој своевремено беше и писател, продуцент, а работеше и за филм, телевизија и радио.
Во киното „Фросина“ од 3 до 5 октомври, а потоа и во „Милениум“ на 6 октомври ќе има фокус на Норвешка, односно како што е најавено – прво претставување на современата норвешка кинематографија во Македонија.
Наградата за особен придонес во филмската уметност ќе ја добие Аница Добра, која го одбележа крајот на 80-те и почетокот на 90-те години од минатиот век. Добра на третото издание на „КинеНова“ ќе биде специјален гостин.
Целата програма за „КинеНова“ може да се најде ТУКА.