Иницијатива НУЛА до Јавниот обвинител Коцевски: Повторно да се отвори истрага и да се формира независен тим за модуларната болница

Време е фиоките да се отворат, за да има вистинска правда, велат од Иницијативата НУЛА, кои упатија јавно писмо до Јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

„Скоро четири години по трагедијата во модуларната болница во Тетово, каде што животот го загубија 14 наши сограѓани, случајот сè уште нема правна разрешница. Ниту еден виновник не е изведен пред правдата, а постојат сериозни индиции за пропусти при изградбата, како што е германското вештачење што укажува на конкретни одговорности – и покрај тоа, обвинителите и судиите здружени молчат“, велат од Иницијатива НУЛА.

Оттука, како граѓанска Иницијатива НУЛА, му се обраќаат на Коцевски со јасни и недвосмислени барања, меѓу кои за итно повторно отворање на истрагата. Исто така, бараат формирање независен истражен тим, водење на постапката без политичко-бизнис влијание, но и земање на германското вештачење како клучен доказ и обезбедување на целосна транспарентност и отчетност.

„Ова не е само правно прашање – ова е прашање на елементарна човечка и институционална одговорност. Недостигот на правда во еден ваков тежок случај претставува симбол на системска неказнивост која директно го поткопува довербата на граѓаните во државните институции“, потенцираат од Иницијатива НУЛА.

Фото: Радио МОФ

Инаку, од иницијативата изминатиов период се изјаснија и со свои барање за случаите Ласкарци, „Беса Транс“ и последниот со дискотеката „Пулс“.

За Ласкарци, бараат повторно судење на случајот, построги казни, на сопствениците на „Дурмо-турс“ да им се забрани вршење на дејност, а притоа да има одговорност за слжбените лица – освен актуелните обвинети, пред лицето на правдата да се изјаснат и оние кои дозволите автобусите да сообраќаат без технички контроли.

Во однос на случајот „Беса-транс“, исто така бараат построги казни, а пред лицето на правдата да се изнесат сите јавни службеници кои дозволиле автобусот да ја помине границата над 20 пати со лажен сертификат за меѓународен транспорт. Воедно, забрана за вршење дејност на сопстеникот.

За „Пулс“, пак, бараат независна и непристрасна истрага и вккучување на надворешни експерти, потоа одговорност на прекршителите на законот – да се санкционираат сите што дозволите незаконско работење на импровизираната дискотека од 2013 година, исто така и правда без компромис.

„Сите одговорни, без разлика на нивната позиција или улога, да се изнесат пред лицето на правдата. Спречување на слични случаи: Да се обезбеди одговорност за да се спречи повторување на вакви прекршувања во иднина“, соопштија од Иницијатива НУЛА.