Новата премиерка на Финска, Сана Марин повика да се воведе флексибилен работен распоред, кој би се состоел од четири работни дена неделно и шест работни часа дневно.
Најмладата шефица на влада во светот, соопшти дека планира да ја проба иницијативата, за која таа тврди дека може да биде „следниот чекор“ во работниот живот.
34-годишната Марин раководи централно-левичарска коалиција од пет партии – сите предводени од жени.
Лидерката на Социјалдемократската партија изјави за Њу Јуроп:
„Верувам дека луѓето заслужуваат да поминуваат повеќе време со своите семејства, со најблиските, со своите хобија и со други аспекти на животот, како што е културата. Ова може да биде нашиот следен чекор во работниот живот“.
Во моментов вообичаената работна недела во Финска се состои од осум часа дневно, пет дена во неделата.
Од 1996 година финските работници имаат право да ја почнат или да ја завршат работата три часа порано или подоцна.
Во 2015 година Шведска пробно воведе шестчасовно работно време и откри дека вработените така се посреќни, побогати и попродуктивни.