Иницијативниот одбор за младински совет во општина Центар во понеделник со почеток во 17.00 часот во салата на „Црвен Крст- Македонија“ организира трибина на која ќе се промовира иницијативата за основање на младински совет во Општина Центар.
На трибината насловена „На кафе во Центар“ ќе се обратат претставници од Иницијативата за младински совет во општина Центар, претставник од локалната самоуправа, како и од проектот за основање на младински совети во 12 општини.
Акцијата е дел од проектот „Развој на локално младинско учество и локални младински политики” на Младински образовен форум и Центар за меѓукултурен дијалог, финансиран од Европската Унија.
„Земајќи ја како неспорна потребата од приближување на младите до процесите на одлучување, сметаме дека младинскиот совет ќе биде токму онаа алатка која на младите им недостасува во нашата општина. За таа цел, ве каниме на трибината за промоција на потребата од младински совет во нашата општина, трибина на која ќе бидат дискутирани и уште низа на прашања поврзани со советот, неговата цел, формирање и работа“, информираат организаторите.
Проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“ е насочен кон младите луѓе, младинските организации и сите форми на младинско здружување и локалната самоуправа. Главната цел на проектот е да се зајакнат капацитетите на младинското здружување на локално ниво, нивно формално препознавање од страна на општините, како и заедничка работа за унапредување на младинските политики на локално ниво, преку развој на младински активизам, младинска работа и младинско учество во процесите на донесување на одлуки. Проектот вклучува соработка со локалните самоуправи, локални акции и јавен процес на основање Локални младински совети.