Пред Советот на Општина Берово утре ќе се најде иницијатива за преименување на улица „20“ во населбата Ширината во улица „Жан Кофол“, односно по името на пожарникарот од Словенија кој летово беше меѓу доброволците кои со денови учествуваа во гаснење на пожарите во околината на Берово и Пехчево, информираше градоначалникот на Берово Звонко Пекевски.
Тој посочи дека очекува поддршка од советниците, додека постапката за промена најави дека ќе се прави согласно Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.
„Иницијативата ја поднесов за постхумно одликување, по името на овој хуман херој, кој загина во сообраќајна несреќа, а кој даде свој придонес во гаснењето на пожарите кои беснееја во Малешевијата“, вели Пекевски во неговата Фејсбук објава.
„Сметам дека именувањето на улицата, ќе значи за семејството на прерано загинатиот пожарникар, а од друга страна, ние како општина постхумно ќе искажеме признание и благодарност за поддршката која што ја даде Кофол за Берово и Малешевијата.
Почит треба да биде искажана на оние кои ја заслужиле“, додава тој.
Кофол загина во сообраќајна несреќа во близина на Нова Горица на 28 септември.