Пред јавноста вчера беше претставена регионалната иницијатива Заедно за реките, која е посветена на зачувување на 13 реки во Југоисточна Европа, во должина до 400 километри.
Истакнувајќи го вклучувањето на локалните заедници, организацијата The Nature Conservancy и шест партнерски организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија и Србија работат на воспоставување нови заштитени подрачја покрај реките со цел да ги зачуваат нивните природни, општествени и културни вредности.
Од Иницијативата посочуваат дека Југоисточна Европа е дом на некои од последните диви реки на континентот. Тие се крвотокот на заедниците и екосистемите и обезбедуваат вода за пиење, ја поддржуваат биолошката разновидност и го овозможуваат животот. Но, денес реките се многу позагрозени поради загадувањето, уништувањето на живеалиштата, неодржливиот развој и климатските промени. Станува збор за глобален проблем кој има локално решение: од 1970 година, на глобално ниво бројот на популации на слатководни видови е намален за 83%, а изгубени се 30% од слатководни екосистеми.
„Нашата иницијатива се заснова на верувањето дека вклучувањето и зајакнувањето на локалните заедници е клучно за ефикасна и трајна заштита на реките“, посочува Драгана Милеусниќ, директорка на Програмата за Југоисточна Европа во организацијата The Nature Conservancy. „Соработуваме со бројни засегнати страни, вклучувајќи ги и невладините организации, приватниот сектор, локалните заедници и владите со цел да се развие сеопфатно и долгорочно решение за заштита на нашите реки“.
„Заштитата на нашите реки ја препознавме како социјален, економски и еколошки приоритет. Зачуваните реки се клучни за нашата благосостојба бидејќи обезбедуваат вода за пиење, ја поддржуваат биолошката разновидност и овозможуваат живот. Работејќи на заштита на реките, ние инвестираме во oдржливата иднина на нашите заедници“, изјави Ѓорѓи Митревски, Програмски координатор во „Еко-свест“ од Македонија.
Покрај организацијата The Nature Conservancy, членови на иницијативата се и Центарот за животна средина, здружението Динарика и младинскиот клуб Нови Вал од Босна и Херцеговина, еколошкото здружение Рзав од Србија, Еко-тим од Црна Гора и Еко-свест од Македонија.
Иницијативата „Заедно за реките“ активно работи на заштита на 13 реки во регионот со цел да се поттикнат нови локални иницијативи за заштита на реките. Преку научно истражување и разбирање на потребите и ставовите на локалните заедници, иницијативата „Заедно за реките“ се обидува да обезбеди рано и транспарентно вклучување на сите засегнати страни со почитување на уникатните природни, социјалните и културните карактеристики на секоја река.
„Откако ќе се воспостави заштита и ќе се обезбеди добро управување на заштитеното подрачје, тоа ќе биде директен придонес во исполнувањето на меѓународните обврски на кои што се обврзаа нашите земји. Меѓу нив вреди да се истакне Европскиот зелен план, Зелената агенда за Западен Балкан и глобалната рамка за биолошка разновидност Кунмин-Монтреал од декември 2022 година“, соопштува иницијативата.
Иницијативата „Заедно за реките“ ги повикува да се придружат сите поединци, организации и заедници од регионот кои сакаат да ги заштитат нивните реки.
„Заедно можеме да ги зачуваме нашите реки и да ги заштитиме за идните генерации. Придружете нѝ се во заштитата на слатководните богатства на Југоисточна Европа“, велат од иницијативата.