„Проект кој не е проект“ е насловен едновечерниот настан на групата ОПА, најавен во вторник (22 октомври ) во просториите на Универзитет за туризам и менаџмент во Скопје . Организиран од иницијативата Кооперација, во рамките на настанот закажан во 20.30 часот, ќе има проекција на 42-минутно видео и промоција на книга.
„Проект кој не е проект“ е патување низ Европа со 40 години стар „спачек“, кое ОПА (Опсесивно посесивна агресија) го реализираше во периодот од 2003 до 2006 година. Во 2006 год., во копродукција со театарскиот и перформанс фестивал „Трансуеропа” (Хилдесхајм, Германија) од документарните материјали од патувањата е создадено видео-делото со ист наслов. Својата премиера ова видео ја доживува на овој фестивал, во јуни 2006 год.
Во рецензијата „Pimp my ride! ОПА го прави фестивалот Tрансевропа трансевропски”, објавена во „Хилдесхајмер алгемајне цајтунг”, ова видео, Мартина Пранте го посочува како едно од врвните збиднувања на тогашното издание на фестивалот „Трансевропа“.
„Уметноста на ОПА е политичка, а сепак во својата набљудувачка замисленост толку лесна, толку иронична и шеговита, што човек посакува да го напушти овој средноевропски комфор и веднаш да се качи во кола со нив.”додава Пранте.
Покрај Хилдесхајм, видеото досега е прикажано во Цирих, Белград, Амстердам, Валенсиен, Париз и Њујорк.
Македонската премиера на овој проект беше планирана да се случи во Националната галерија на Македонија пред неколку години, но финансиите одобрени од Министерството за култура за реализација на настанот и продукцијата на книгата, се загубија некаде во лавиринтите на Националната галерија, па овој проект ја доживува својата македонска премиера во рамките на „Кооперација”, потсетуваат организаторите.
Публикацијата (издадена во 2012 год.) се состои од документарни фотографии од патувањата и преписки меѓу ОПА и нивниот соработник ХА (Сашо Талевски).
OПА (Опсесивно посесивна агресија) е формирана во 2001 година од ликовните уметници Слободанка Стевческа (*1971, Скопје) и Денис Сарагиновски (*1971, Скопје). Двајцата студирале на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Работат на границите на ликовната, уметноста на новите медиуми и перформансот. ОПА, до сега, има самостојно изложувано во Македонија, Естонија, Словенија, Хрватска, Франција, Германија, САД и Холандија, а има учествувано на бројни групни изложби и фестивали.