Иницијативата „8 Септември“ достави предлог мерки до владата за справување со, како што велат, растечката сиромаштија. Тие побараа владата да ги преземе сметките за струја за социјално загрозените семејства, а најсиромашните граѓани да се ослободат од плаќање партиципацијата за здравствени услуги и лекови. За децата од овие семејства од „8 Септември“ бараат да се обезбеди сместување за полесно да се образуваат, како и да добијат полесен пристап до времени вработувања.
Како што информираше Џељо Хоџиќ од „8 Септември“, ваквите барања се резултат на досегашните средби со граѓаните и трибини низ цела Македонија кои ги организираа со заеднички сили „8 септември“ и Македонската платформа за борба против сиромаштијата.
„Фрапантно е што бројот на семејствата приматели на социјална помош од 2006 со 2012 година се намалил за преку 30 илјади семејства, а ние сме сведоци дека сиромаштијата од година во година е се’ поголема“, истакна Хоџиќ на денешната прес конференција пред владата.
Хоџиќ истакна дека мерката субвенции за енергетска заштита за социјално загрозените семејства не дава резултати затоа што изнесува само 700 денари, додека сметките за струја во зима растат и до шест илјади денари. Примателите на социјална помош, додава тој, добиваат 2 до 3 илјади денари, и не се физички во можност да ја платат само сметката.
„Според Уставот, Македонија е социјална држава, а во пракса е држава на социјална неправда“, вели Хоџиќ.
Со цел да се крене гласот против сиромаштијата и да им се помогне на идните генерации, во сабота, во #5до12 ќе се одржи Марш за достоинство.
Организатори се Македонската платформа за борба против сиромаштијата и „8 Септември“ кои се залагаат за воведување на минимален достоинствен приход за секој граѓанин и промена на законската регулатива за социјална заштита.