Заклучно со јуни оваа година во 21 општина опфатени се 264 од предвидените 415 деца во склоп на проктот
„Инклузија на децата Роми во јавните општински установи – детски градинки“, за кој денеска беа презентираше резултатите постигнати по учебната 2021/2022 година.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во своето воведно обраќање го потенцираше значењето на образованието во раното детство кое игра клучна улога во развојот на децата и има значајни позитивни социо-економски ефекти врз општеството.
„Еден од приоритетите на Владата и Министерството за труд и социјална политика е еднаков пристап и инклузија на сите деца во воспитно-образовниот процес без разлика на полот, етничката припадност, социо-економските и културолошките разлики, како и различните здравствени и посебни потреби. Инклузивноста претставува комплексна определба која произлегува од суштината на Конвенцијата за правата на детето, секое дете да добие еднакви шанси во развојот и можност да биде рамноправен член на заедницата,“ истакна Тренчевска.
Проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“ се имплементира од 2006 година. Целта е отстранување на постоечките бариери за пристап до предучилишни установи на деца Роми на возраст од 3 до 6 години, инклузија на децата и нивна социјализација како и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој и образованието на нивните деца.
Од ресорното министерство велат дека во текот на овие 16 години беа вклучени околу 5.000 деца од ромската етничка заедница во 20 општини. Биле ангажирани 20 негувателки Ромки кои работеа со овие деца и го олеснуваа процесот на интеграцијата на ромските деца во детските градинки и повеќето од нив се веќе во редовен работен однос, а некои се ангажирани со договор на проект.
„Покрај негувателки ангажирани се и 17 медијатори кои работат со договори на проект во соработка со градинките, негувателките и проектниот тим. Ромските деца не беа сместени во сегрегирани групи во градинките, туку во интегрирани групи заедно со децата од другите заедници кои живеат во Република Северна Македонија“, посочија од министерството.
Овој проект придонесе и за зголемување на стапката на запишување на децата во прво одделение, кое значително го подобрува развојот на децата Роми и вклучувањето во образовниот систем.
„Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“ се реализира со поддршка на Министерството за труд и социјална во соработка со Ромскиот Образовен Фонд од Будимпешта, Единиците на локална самоуправа и Јавните општински установи-детски градинки.