Вечерва (4 декември) во независниот културен центар „Кула“, ќе биде отворена самостојната изложба на фотографии на Ана Лазаревска, насловена како „Inner traces“. Изложбата ќе биде поставена една недела.
Серијата фотографии на Лазаревска впечатливо ја доловува релацијата простор-време, со посебен акцент на временскиот печат втиснат во ентериерите на одамна напуштени селски куќи, каде што се направени фотографиите. Напуштените куќи даваат сосем пригодна сценографија и „подлога“ за идејниот концепт. Објектите во распаѓање, надополнети со духот и живоста на човековото присуство (скоро затекнато сред временските траги на ентериерот), добиваат сосем нова димензија и приказна во композицијата на кадарот.
Ана Лазаревска вели дека одбирањето на темата кон која го насочува својот интерес, секогаш ѝ е поврзано со искуствата и емоциите. Што се однесува пак до нејзината актуелна изложба „Inner traces“, самата објаснува:
„При создавањето на овие дела се водев од внатрешниот импулс за изразување преку перформативно движење. Движењата се родија инспирирани од примордијалното чувство на враќање кон моето минато и минатото на моите предци. Просторот во кој движењата ги добија своите природни форми се стари, и најчесто напуштени куќи. Со синтезата меѓу трошната граѓа од куќите-остатоци и вивидната форма на движењата-зачетоци, се отвора прашањето за непостојаноста и променливоста на сѐ, односно што е она што било и што ќе остане од сето тоа, каде престанува сѐ? Токму тука, фотографијата се појавува како сведок-медиум на мојата непредвидлива и променлива реакција, како документ за ефемерноста на нештата. При процесот на документација и создавање, движењето, свесноста за кадарот, композицијата и светлината се појавија како елементи кои допринесоа кон низа дополнителни прашања во однос на меѓусебната релација на перформансот и фотографијата, како канал за презентација на внатрешните траги.“
Визуелниот уметник и фотограф Ана Лазаревска (1987) го завршува своето образование на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Во 2009 година станува дел од стипендиската програма CEEPUS и завршува еден семестар на Ликовната Академија во Загреб. Во текот на студиите како и по дипломирањето учествува на работилници и резиденции во Австрија, Хрватска и Либан, како и на неколку ликовни колонии низ Македонија.