Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната прес-конференција во Владата соопшти дека во периодот од 2 до 5 април од шест инспекторати се направени вкупно 3.908 инспекциски надзори по кои биле затворени 48 угостителски објекти низ Северна Македонија, а запечатени биле и 215 кафемати, со што се забранети за употреба.
Иако општата констатација на инспекторатите е дека поголемиот дел од субјектите ги почитуваат владините мерки за превенција од коронавирусот, тие посочуваат дека еден дел од угостителските објекти посебно во руралните средини продолжуваат да ги прекршуваат владините мерки.
“Во таа насока и најголемиот дел од вкупно 3.233 контроли спроведени од Државниот пазарен инспекторат се однесуваат на работењето на угостителските објекти. При тоа се затворени вкупно 48 угостителски објект во повеќе градови и населени места низ државата. Истовремено инспекторите во повеќе градови низ државата направија визуелни контроли при што констатацијата е дека поголемиот дел од угостителите ги почитуваат мерките. Државниот пазарен инспекторат изминатата недела интензивно ги контролираше и кафематите на бензинските пумпи и на други локации по градовите и при тоа во периодот од 2 до 5 април се забранети за употреба над 215 кафемати“, рече Филиповска-Грашкоска.
Претседателката на Инспекцискиот совет истакна дека Државниот пазарен инспекторат покрај контролите на угостителските објекти и на трговците со одлука на Влада е задолжен да ги контролира и замрзнатите цени на одредени производи. Во периодот од овие 4 дена направени се вкупно 423 контроли за замрзнатите цени на одредени производи. При што утврдени се помал број зголемувања на цените на цитрусното овошје и други производи но по укажувањето се вратени старите цени од 11 март.
Филиповска-Грашкоска рече дека Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од 2 до 5 април спроведе вкупно 208 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари.
„При тоа изречени се две глоби, едната за непочитување на претходна наредба од инспектор, а втората за држење производ без декларација. Исто така издадени се вкупно 7 казнени мерки едукации поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна, како и не водење на записи за добра хигиенска пракса (ДХП). Исто така издадени се 15 решенија на месарници и маркети за констатирана лоша општа хигиенска состојба и е состојба и е наредено веднаш спроведување на дезинфекција, дератизација и дезинсекција. Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до граѓаните да не ги користат кафематите и апаратите за вода, бидејќи тие може да се потенцијален преносител на заразата“, рече Филиповска-Грашкоска .
Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 2-5 април направи вкупно 70 надзори. При тоа констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален за околу 90% и продолжува да се редуцира. Од направените контроли на автобуските станици во неколку градови низ државата е утврдено дека се почитува владината одлука за 50% намален капацитет, односно за преполовен број на патници. Меѓународниот линиски превоз на патници е во целосен прекин и нема постојан престој на граничните премини.
Државниот инспекторат за труд реализирал вкупно 290 контроли при што се донесени 1 решение и 13 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата. Поголемиот дел од овие надзори биле поврзани со постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни.
Трудовиот инспекторат констатира дека поголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораки за заштита на вработените од КОВИД-19.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат во периодот од 2-5 април спроведе вкупно 66 надзори. Исто така, во овој период издадени се 164 дозволи на транспортери професионални возачи. Овие дозволи се неопходни за непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус.