Инспиративни говори за еко-активизмот: Имаме потенцијал за многу, но трпиме поради себичноста на малкумина

„Имаме потенцијал за многу, а поради себичност на малкумина сме принудени да трпиме“. Ова беше само еден мал дел од говорот на Иво Босилков, дел од скопскиот огранок на глобалното движење Friday’s for future кој заедно со повеќемина еко-активисти, зборуваше за тоа што го води напред во борбата за подобро општество. Пред дваесетина средношколци и десетина активисти, а во организацијата на „ЕДЕН“ и „Охрид СОС“, присутните можеа да ги слушнат повеќе инспиративни приказни.

Босилков зборуваше за историјата на огранокот, како и за делувањето на активистите. Тој вели дека најдобриот начин да се изразува е преку константни барања за промена. Дополнува дека гневот мора да се искаже за, како што вели, да не потонеме во нихилизам и апатија.

„Јас лично сум гневен, многу  работи можат да бидат подобри, имаме потенцијал за толку многу, а поради себичност и корумпираност на малкумина сме принудени да трпиме. Не дозволувам, под чест ми е тоа да биде така“, вели Босилков.

Лазар Ѓуров, еден од иницијаторите на протестите за чист воздух во Скопје, преку видео порака се обрати до присутните

Она што треба да се сфати, вели Ѓуров, е дека езерото, влезот во зградата, тротоарите и дрвјата се наши, како и тоа дека за нив треба да се грижиме, како што се грижиме за нашиот дом.

„Нема чуство дека езерото е наше, тоа не е нивно, тоа е на другите. Замислете од утре, да ни дадат документ на сите дека езерото е лично наше. Дали ќе не боли кога некој ќе фрли нешто во него.. гуми, уље, ние ќе се буниме и ќе реагираме веднаш“, вели Ѓуров.

Еко-активистот Божидар Јововиќ пак зборуваше за неговиот пример и однос кон животната средина.

„Сум живеел во две држави, едната е поранешна Југославија, моменталната е Македонија. Во таа поранешна Југославија, имам моментално 38 години, значи сум живеел некаде до мои 10 години. Чуварот во амбулантата не анимирал и ни го кажувал следното `деца вие каде играте, во амбуланта, доколку сакате да играте во амбуланатата, во зелениот простор, секоја недела вие ќе го чистите`, ние го чистевме и на тој начин ние имавме простор за играње. Зошто е тоа важно? Затоа што денешните  луѓе, еве конкретно таа директорка воопшто не пробува да ги анимираат децата од таа улица, а тоа може да го направи, ние цела амбуланта ја чистевме со години, беше прекрасна. Веќе таа амбуланта е хаос“, вели Јововиќ.

Тој додава дека за него активизмот претставува односот и искреноста, а вели дека доколку не е искрен, нема да може да се доживува како активист.

Создавачот на „Мој воздух“, Горјан Јовановски објаснуваше за апликацијата, за која вели дека ја направил сосема случајно, но, иако големата популарност на апликацијата, таа не ja постигнала својата цел.

„Со мојата специјализација можам да придонесам кон одредени проблеми што мене ме засегаат. И секој од вас има некоја специјализација. Не мора да биде тоа техничка, може да биде уметничка, ораторна, од кој било аспект, која ќе речете, како можам да го искористам тоа што го знам, за да помогнам на проблем кој мене ме тангира“, вели Јовановски, објаснувајќи и за тоа како работи една заедница и каква е нејзината моќ.

Владимир Трајаноски од иницијативата „Охрид СОС“ пак се осврна на различните ситуации каде се обидувале да го демотивираат и етикетираат. Затоа им сугерираше на младите да ги користат сите можни апликации,  да читаат, гледаат, како и да бидат присутни и фокусирани. Преку видео обраќање, од регионот за кој најмногу се зборуваше, се обрати и адвокатот Благоја Пандовски кој зборуваше за институционалните механизми, додека Гоце Коцевски од Здружението на млади правници, се осврна на потребата од поблиска соработка меѓу правниците и активистите.

„Луѓе кои се активисти во одредена област, независно дали се работи во областа на животната средина, здравје, животни, едноставно доаѓаат до нас и се обраќаат со цел да побараат одредена помош и од страна на организацијата во однос на она што го работиме. Тоа што го забележав и е особено важно е дека постои извесна доза на постоење на искрење и неразбирање од страна на активистите и адвокатите од друга страна. Ова пред се должи затоа што активистите се понесени од целта која сакаат да ја постигнат, некоја поширока општествена промена, меѓутоа адвокатите и правниците со таа своја ригидност, која професијата ја налага, цело време ја испуштаат работата дека не е се така едноставно. Она што ми остави впечаток е дека тие две страни мора да соработуваат, затоа што единствено на тој начин може да се постигне некоја промена“, вели Коцевски.

На настанот беше презентиран и Прирачник за самопомош и активизам за животна средина во кој  се објаснува што претставува активизам и на кој начин тој функционира,  но и како функционираат активистичките групи.

„Во вториот дел од прирачникот се дадени практични примери за тоа како вие можете да се обратите до институциите. Што да направите, кај кого всушност да одите“, појасни Драгана Велковска, една од организаторките на настанот.

Додава дека во прирачникот е опишана и улогата надвор од активизмот, односно дека луѓето можат да ја сменат и улогата и да влезат во институциите.

„Зелените политичари во светот се во голем пораст, и поддршката е во голем пораст, и тоа со право, бидејќи тоа се луѓе кои искрено живеат и веруваат во тоа. Тоа не се политичари кои на пример во своето слободно време користат брда пластика, убиваат животни од забава итн, тоа се луше кои се убедени во етички вредности во однос на заштита на животните и животната средина“, вели Велковска.

Нејзината порака кон присутните беше да не се откажуваат, и спомена дека доколку некој е истраен ќе успее да го оствари зацртаното.

Организаторите најавија дека прирачникот ќе биде објавен во електронска форма во текот на следните денови. Настанот беше организиран во склоп на проектот „Power to the people“ на организацијата „ЕДЕН“.

Мартин Колоски