Инспирирана од локалните легенди, скулптурата „Рада“ денес беше поставена во Кратово

Од Центарот за современи уметности – Скопје информираат дека во Кратово е поставена скулптура од рециклиран метал, која го претставува ликот на младата Рада, лик од локалниот кратовски фолклор и легенда.

Автор на скулптурата е уметникот Андреј Миневски, а од ЦСУ – Скопје велат дека идејата за скулптурата ја добиле од приказната за мостот кој го граделе деветмина браќа, но преку ноќ, тој постојано паѓал.

Браќата една вечер се договориле која од сопругите ќе им донесе ручек утредента, таа да ја заѕидаат во темелите на мостот, верувајќи дека тој повеќе нема да паѓа. Сите браќа им кажале на сопругите утре да не им носат ручек – освен најмладиот кој заборавил.

Утредента, младата Рада го зготвила ручекот и го однела на мајсторите. Како што бил договорот така и направиле. Младиот брат ги молел, ги преколнувал браќата да не го прават тоа, ја молел и Рада да му прости бидејќи заборавил да ѝ каже, но веќе било доцна. Последната желба на младата Рада била да и ја остават десната града да си го дои малото си машко дете, која и била исполнета. Оттогаш до ден денес се прераскажува легендата за младата Рада, која е заѕидана во темелите на „Радин мост“ кој оттогаш се нема срушено.

Од ЦСУ – Скопје велат дека Кратово е град на легенди и преданија, град кој според кажувањата на старите, лежи на бисаги злато кои Турците ги собирале во околните рудници.

Архитектурата на Кратово ја карактеризираат и тесните и стрмни улици, повеќе мостови, како и голем број традиционални занаетчиски дуќани и разни други индивидуални постари и понови архитектонски градби.

„Богатството од околните рудници, интезивната комуникација на луѓето во Кратово и неговата специфична поставеност во длабок дол придонела за градење мостови на Кратовска и Манцева Река. Кратовските мостови преставуваат соодветен израз на градителството во турскиот период кај нас. Во нив се вткаени вековните неимарски искуства на турско – словенското градителство. Тоа се мостови со витка линија, со главен лак, со прецизно изработена архивола и имаат нагласена декоративна линија“, истакнуваат од ЦСУ – Скопје.

Оттаму дополнуваат дека со обнова на занаетчиството и трговијата во 19 век, во Кратово се појавила потреба за изградба на нови мостови.

Скулптуралната инсталација e финансиски поддржана од Министерството за култура на Македонија, поставувањето е реализирано во соработка и одобрување на Општина Кратово.