Ирските регулатори за заштита на податоци одредија казна од 405 милиони евра за Инстаграм поради злоупотребува на детската приватност.
„Би-Би-Си“ пишува дека долготрајната жалба се однесува на податоци од деца-корисници на платформата и тоа најчесто нивни телефонски броеви и електронски адреси.
Некои од профилите чии податоци се злоупотребени преминале од приватни на бизнис-профили со цел да добијат можност до одредени алатки, но на тој начин нивните податоци станале јавни.
Од матичната компанија на Инстаграм, „Мета“ соопштиле дека планираат да поднесат жалба против изречената казна, бидејќи, како што посочиле ова е трета по ред казна што регулаторите им ја врачуваат ним.
Оттаму велат дека профилот на секој корисник под 18 години автоматски се поставува како приватен за да може само луѓето кои тие ги познаваат да ги гледаат работите што ги објавуваат. Притоа, додаваат од „Мета“, возрасни луѓе кои децата корисници не ги познаваат не може да им испраќаат пораки.
„Иако работевме заедно со Комисијата за заштита на податоците за време на истрагата, не се сложуваме дека казната е правилно пресметана, па имаме право на жалба“ стои во изјавата од „Мета“.
Ирскиот комесар за заштита на податоци изјави дека минатиот петок ја донеле нивната конечна одлука, односно казна од 405 милиони долари за Инстаграм поради злоупотреба.
Комисијата за заштита на податоци што ги регулира големите технолошки компании со европско седиште во Република Ирска досега никогаш нема изречено олку голема казна за прекршување на општата регулатива за заштита на податоците при Европската Унија.