Најкористената апликација за споделување на фотографии и видеа, Инстаграм, отсега ќе ја замаглува содржината која според нивните правила се смета за „чувствителна“. Корисниците сѐ уште ќе можат да ги гледаат сликите, но ќе мора дополнително да кликнат на објавата за да не биде замаглена.
Не е јасно за каков вид на содржина се работи, кога се вели дека е „чувствителна“. Компанијата не менува правила и политики, и наместо тоа сака да види како новиот филтер на содржини ќе делува како компромис за објавите кои некои корисници ги сметаат за навредливи или непристојни.
„Иако ваквите објави не ги нарушуваат нашите правила, некој во заедницата ги пријавува, па нашиот тим потврдува дека се чувствителни“, напишал извршниот директор на Инстаграм, Кевин Систром, во блог пост за најновите промени. „Оваа промена значи дека има помала веројатност дека ќе имате изненадувачко или несакано искуство со апликацијата“.
Инстаграм долго бара начин да се справи со овој проблем, особено кога станува збор за голотија. Апликацијата беше критикувана повеќе пати низ годините, бидејќи отстранува фотографии кои некои корисници сметаат дека се навредливи, иако не ги прекршуваат правилата. Често вакви дебати започнуваат поради фотографии на кои има женска голотија или цртежи кои прикажуваат голотија.