Инстаграм лансираше нова алатка што ќе ги информира корисниците дали нивните објави се препорачуваат и на други или не.
Имено, претходно, платформата на своите корисници не им укажуваше дали нивните објави се прикажуваат на останатите корисници или не – процес познат како „Shadow banning“.
Од Инстаграм сега соопштуваат дека новата опција ќе ги информира корисниците дали има рестрикции насочени кон нивниот профил, односно дали нивните објави се појавуваат на други или не поради кршење на одредени правила според кои функционира социјалната мрежа. Според шефот на платформата, Адам Мосери, оваа одлука цели да постигне што поголема транспарентност.
„Ако сте објавиле нешто што ги прекршува нашите упатства за препорачливост за тоа такви објави треба да се споделуваат, вашиот пост може да заврши во одделот со содржина што нема да биде препорачана на други“, изјавил Мосери за „Би-Би-Си“.
Корисниците на Инстаграм ќе можат да ги уредуваат и бришат објавите што не ги почитуваат правилата на платформата. Исто така, како што известуваат оттаму, тие ќе можат да се пожалат доколку сметаат дека некоја платформа е грешно обележана.
Новата опција ќе биде достапна во делот на менито, со кликање на полето подесувања на сметката, а потоа статус на сметката.