Бела Мачка е псевдоним за македонскиот карикатурист чии дела се инспирани од случките во секојдневието. Со нив, тој отвора дискусии во јавноста, за граѓаните сами да изградат свое мислење околу општеството, а не како што вели тој, „да одат по умот на политичарите и партиите“.
„Мојот лик останува анонимен заради минати закани и уценување. Мојот псевдоним Бела Мачка доаѓа од една македонска историска личност, која се борела против Турците за време на турската окупација и неговата жена која лежела години затвор (бремена) заради нивната верба во слобода. Сакам само да потенцирам дека мојот идентитет не е името, знамето или Гоце Делчев, туку токму вака, актови на анонимни херои кои сакале едноставно да му помогнат на народот без его“, вели тој за Радио МОФ.
Според него, сатиричната/политичката карикатура е уметничка форма пред изумирање, поради комерцијализацијата на сите области на креативноста.
„Многу карикатуристи се цензурирани, ја губат својата работа или во најлош случај се наоѓаат во трагедија како во Шарли Ебдо и со тоа можеме да заклучиме всушност колкав импакт има сатиричната карикатура во општеството“, вели тој.
„Моите карикатури можеби нема да го спасат светот, но како што кажал еден мудар карикатурист од Србија, MAX: „Карикатуристот е како Робин Худ, сите насмевки што биле украдени на народот од страна на властите. Карикатуристот му ги враќа преку сатира“, додава тој.
Бела Мачка е уште еден артист кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од неговите карикатури: