Бојана Шурбаноска повеќе од 7 години работи како графички дизајнер, а во изминатиов период таа е фриленсер.
„Понекогаш потребата да одговорам успешно на барањата на клиентот ме ставаат во рамка, при што ми ја земаат слободата. За мене да се биде слободен значи да се излезе од концептот на забрана“, смета Шурбаноска.
Таа е особено радосна на заедничкиот проект со Елена Антоновска и нејзиниот центар за личен развој „Арс Луцида“ од Скопје. Во 2017 година изработиле каталог со илустрации, преку кој ги претставиле сите дисциплини што се нудат во центарот.
„Оттогаш секое слободно време, се трудам да го користам направам некоја нова илустрација, да се втурнам во мојата имагинација и за кратко да бидам Алиса во Земјата на чудата во мојот свет. Концептите кои ги одбирам се да ги спојам типичното со нетипичното, односно она физичкото видливо со голо око и она што е нефизичко, невидливо со голо око, нашиот универзум, нашата галаксија. Со еден збор секој од нас е универзум свој, а јас, ти, тој, таа, тоа, ние, вие, тие сме УНИВЕЗУМ ЦЕЛ и сите заедно со љубовта што ја имаме во себе можеме да го направиме овој универзум многу поубаво место за живеење. Генерелно се фокусирам да ја пренесам пораката до целната група колку што е можно повеќе“, истакна Шурбаноска.
Иако за себе вели дека по природа е затворен тип, таа останува отворена да експериментира со бои и со форми.
„Обожавам јаки бои, дречливи, но понекогаш уживам и да се изразам само преку тенка линија, бидејки навистина е тенка линијата меѓу креативноста и лудилотo“, се пошегува таа.
Шурбаноска е уште една илустраторка која се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од нејзините илустрации: