Дамјан Ѓоргиевски е илустратор кој досега има работено на бројни домашни и интернационални проекти од областа на анимираните филмови, видеоигри, илустрации за книги и друштвени игри. Тој дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје како најдобар студент на генерација, а денес работи и живее во Хелсинки, Финска, како илустратор на видеоигра во „Armada Interactive“, но и како фриленс уметнички директор за канадската компанија за друштвени игри „Haunted Castle Gaming“.
„За овие неколку години од мојата кариера имав прилика да бидам дел од проекти кои беа издадени на глобално ниво, почнувајќи од локални стрипови , самоиздадени книги од американски автори, постери за арт конвенции, омоти за бендови, се до аrtbooks во кои учестувваа моментално најпопуларните артист, детски игри номинирани за најдобри на BAFTA Academy Awards, пионери во cryptocurrency gaming“, вели Ѓоргиевски за Радио МОФ.
Во текот на своето творештво, младиот уметник учествувал и на бројни изложби како „Лесковачка Стрип Смотра“ каде се здобил со признанието за Најдобар илустратор за 2019, потоа Биенале за мала графика во Босна, но и International Small print Show во Египет.
За инспирацијата, пак, Ѓоргиевски вели дека кога идеите не доаѓаат како насока од клиентот, тие се акумулираат од секојдневните настани, книгите, филмовите и видеоигрите.
„Во глобала ме интересираат повеќе епски теми, хероизам, еволуција, филозофија, природа, социјални уредувања, психологија итн. Поради таа причина и имам толку различни стилови во кои работам, иако повеќето од делата ми се за поголеми проекти на кои работам со години, сепак не сакам да се ограничам. Некои денови инспириран од некое кампување или едноставна прошетка низ природа ќе насликам некој пејзаж или некое суштество или лик инспирирано од природата, од друга страна во период кога сум помешан со луѓе и имам повеќе урбани искуства – седнувам и творам нешто сосема поинакво, со остри агли, сатурирани неон бои итн. А има и многу такви денови каде седам дома со омилената музика или во тишина и цртам/сликам традиционално нешто што би изгледало можеби по студиозно. Понекогаш има и такви периоди каде иако имам идеи, но од премор не можам да работам ништо визуелно, па се префрлам кон музика или пишување, или едноставно живеам за одреден период како релативно нормален човек“, објаснува тој.
Ѓоргиевски e уште еден илустратор кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од неговите илустрации: